Elena Teslova
29 Јули 2019•Ажурирај: 30 Јули 2019
МОСКВА
Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, изјави дека Москва има контакти со венецуелската опозиција во формат „разбирлив“ за претседателот на државата, Николас Мадуро, јавува Anadolu Agency (AA).
„Русија не се воздржува од кој било контакт бидејќи ја смета размената на информации корисна за секого“, изјави Рјабков за државната новинска агенција „РИА новости“ во главниот град Москва.
„Постојат контакти со цел размена на информации и донесување од прва рака на ставови и пристапи кои веќе се разработени“, изјави тој.
„Но, ова не е паралелен канал, ова не е постојан дијалог, тоа е повремено, би рекол епизодна комуникација, ништо повеќе“.
Високиот дипломат рече дека контакти меѓу Русиja и САД во врска со венецуелското прашање не се планирани, бидејќи нивните ставови се премногу различни.
Венецуела беше зафатена со протести од 10 јануари оваа година, кога претседателот Николас Мадуро положи заклетва за својот втор мандат, по изборите кои ги бојкотираше опозицијата.
Тензиите ескалираа кога Хуан Гваидо, претседателот на Народното собрание на Венецуела, на 23 јануари се самопрогласи за вршител на должноста претседател.
Овој потег на Гваидо беше поддржан од Соединетите Американски Држави (САД) и многу европски и латиноамерикански држави. Турција, Русија, Кина, Иран, Боливија и Мексико го поддржаа Мадуро.