Betül Yürük
27 Февруари 2019•Ажурирај: 28 Февруари 2019
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Заменик-претставникот на Соединетите Американски Држави (САД) во Обединетите нации (ОН), Џонатан Коен, во однос на постигнувањето договор за прекин на огнот во Идлиб меѓу Турција и Русија истакна: „Прекинот на огнот е од витално значење за заштита на 3 милиони цивили и границите на Турција, сојузникот на НАТО“, јавува Anadolu Agency (AA).
Советот за безбедност на ОН разговараше за хуманитарната состојба во Сирија.
Заменик-претставникот на САД во Обединетите нации, Џонатан Коен, во својот говор на Советот на ОН истакна дека хуманитарната помош на Обединетите нации за кампот „Рукбан“, кој се наоѓа на сириско-јорданската граница и кој е под опсада на режимот, ќе трае околу 30 дена. Тој, исто така, упати повик до Русија и режимот, да овозможат пред март повторно во регионот да се упати хуманитарна помош.
Коен, истакнувајќи дека бомбардирањето на сирискиот режим е загрижувачко и предизвика 20.000 лица да одат кон границата на Турција, нагласи:
„САД повторно упатуваат повик до сите страни да се спроведува договорот за прекин на огнот меѓу Турција и Русија за да се спречи опасната ескалација на тензијата и хуманитарната катастрофа. Прекинот на огнот е од витално значење за заштита на 3 милиони цивили и границите на Турција, сојузникот на НАТО.“
Постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензија, истакна дека и покрај тоа што се намалени конфликтите во Сирија, во Идлиб и источно од Еуфрат има тензии, додека во северозападниот дел на Сирија ситуацијата е кревка.
„Ќе продолжиме да дејствуваме заедно со Турција и Иран за да се развие формула за борба против тероризмот без да му се наштети на цивилното население“, нагласи Небензија.