Şeyma Erkul Dayanç
10 Јуни 2026•Ажурирано: 10 Јуни 2026
Нередите во Белфаст продолжија и денес по нападот со нож во кој едно лице е тешко повредено. Полицијата распореди дополнителни сили бидејќи немирите се проширија во неколку делови на главниот град на Северна Ирска, јавува Анадолу.
Властите соопштија дека 30-годишен маж е обвинет за обид за убиство во нападот што се случи во понеделникот навечер.
Исто така, тој се соочува и со обвиненија за поседување нож на јавно место и за упатување закани по живот.
Пријавени се пожари на неколку локации во Белфаст, а во источниот дел на градот е запален и автобус.
Полицијата распореди единици за сузбивање нереди и припадници на Групата за тактичка поддршка, додека немирите се ширеа во повеќе области, пренесe „Скај њуз“.
Медиумот објави дека се евакуирани жители од зграда што е оштетена од пожар, а маскирани лица се собирале во некои делови од градот.
Многу деловни објекти беа затворени порано, јавниот превоз беше во прекин, а некои патишта беа блокирани, додека властите се обидуваа да ги стават немирите под контрола.
Полициската служба на Северна Ирска повика на смиреност и апелираше да не се преземаат насилни акции додека трае истрагата за нападот и за немирите.
Маж на возраст од 40 години е во болница со тешки повреди на очите, вратот и грбот, наведува медиумот.
Нападот се случи во понеделникот навечер во северен Белфаст, а полицијата соопшти дека лицето се здобило со сериозни повреди и дека е поведена истрага за утврдување на мотивот.
Британскиот весник „Телеграф“ објави дека осомничениот е судански државјанин на кој му бил одобрен престој во Велика Британија, по влегувањето преку Ирска.