Ahmet Bayram
25 Јануари 2017•Ажурирај: 26 Јануари 2017
ИЗМИР (АА) - Фондацијата за политички, економски и социјални истражувања (СЕТА) објави извештај под наслов „ПЈД/ЈПГ е северносириски органок на терористичката организација ПКК“, а во него се содржани и непобитни докази дека групата ПЈД и нејзиното вооружено крило ЈПГ се само огранок на терористичката мрежа ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот се наведува дека ПЈД како огранок на терористичката организација ПКК, на почетокот на војната во Сирија, во 2011 година соработувала со режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад за да ги спроведе своите цели во северниот дел на таа земја. Со воената соработка со режимот на Асад и поддршката на раководството на покривната организација ПКК, во северниот дел на Сирија е формирана ЈПГ како вооружено крило на ПЈД.
Со воената надмоќ над силите на сириската опозиција, ПЈД/ЈПД зазеде пошироко подрачје во северниот дел на Сирија и прогласи кантони, илегални субјекти предводени од ПЈД, која спроведува ригорозна политика и се однесува како апсолутен господар на животот и смртта на тоа подрачје.
ПЈД го искористи и присуството на терористичката организација ДЕАШ во Сирија и на САД им се претстави како сојузник во борбата, па доби воена и политичка поддршка којашто се обидува да ја искористи за територијално да ги поврзе самопрогласените кантони. Од тоа подрачје ПЈД спроведува политика на протерување и угнетување на арапското и туркменското население, односно врши воени злосторства.
- Терористите на ПКК во редовите на ПЈД/ЈПГ-
Во извештајот исто така се наведува дека поголемиот дел од водачите и припадниците на ПЈД/ЈПГ воедно се и припадници на ПКК. Главната база на ПЈД е кампот „Шехид Ајхан“, кој се наоѓа на планината Кандил, во северниот дел на Ирак, а е позната како тврдина на ПКК. По обуката во тој камп, милитантите заминуваат во редовите на ПЈД во Сирија.
За главен одговорен за активностите на ПЈД во северниот дел на Сирија, теористичката организација ПКК го постави својот високопозициониран таканаречен водач Мустафа Абди Бин Халил, кој е познат и под псевдонимот Шахин Џило Кобани.
Покрај Халил, во ПЈД дејствуваат уште шест високопозиционирани припадници на покривната организација ПКК/КЏК, а меѓу нив и Фехман Хусеин, Џемил Амед, Ханифе Хусеин и Нуредин aл-Мухамед.
- Со докази потврдена поврзаноста меѓу ПКК и ПЈД/ЈПГ-
Експертот на СЕТА, Џан Аџун за AA изјави дека поврзаноста на ПКК и нејзиниот сириски огранок ПЈД е докажана преку серија фотографии, снимки, документи и други доказни материјали коишто се ставени во прилог на извештајот на фондацијата.
„Во извештајот го објаснивме раководниот кадар, организациската структура, идеологијата и го анализиравме статутот што ПКК на арапски јазик го постави на својата интернет-страница, а потоа го отстрани. Појаснивме дека таа група е основана со наредба на Абдула Оџалан и дека врвот на ПКК/КЏК ја формирал структурата што раководи со ПЈД“, изјави Аџун.
Аџун истакна дека извештајот привлекува внимание и во делот во кој зборува за целите што на северниот дел од Сирија сака да ги спроведе ПЈД.
„Со спроведувањето попис на населението и лажирајќи ја бројната состојба на Арапите и на Туркмените во регионите што ги контролира, ПЈД се обидува да прикаже дека тоа подрачје го населуваат само Курдите. Затоа се обидуваат со еднострани и самостојни пописи на населението. Сакаат да ги спојат своите самопрогласени кантони и да создадат сопствен терористички коридор на северниот дел на Сирија. Собравме и докази како ПЈД со воена соработка со Асад и со САД спроведува демографски инженеринг на тоа подрачје“, изјави Аџун.
Тој исто така изјави дека со офанзивата „Штитот на Еуфрат“, која на северниот дел ја спроведуваат силите на сириската опозиција со поддршка на Турција, осуетен е планот на ПЈД да тргне западно од Еуфрат и да го спои Африн со другите самопрогласени кантони.