Erkan Avci
19 Август 2016•Ажурирај: 20 Август 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Соединетите Американски Држави (САД), Џон Кирби изјави дека неговата земја е подготвена да вложи максимални напори коишто ќе доведат до прекин на страдањето на луѓето како петгодишниот Сириец Умран Дакнес, чија фотографија вчера го обиколи светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Кирби на прес-конференцијата за новинарите во Вашингтон, одговараше на прашања во врска со ситуацијата во Сирија. На прашањето дали беше погрешна политиката во насока на „заминување на сирискиот претседател Башар ал-Асад“, со оглед на тоа што американскиот претседател Барак Обама уште пред пет години изјави дека „Асад мора да си замине“, а Асад сѐ уште е на власт, Кирби одговори дека изјавите на претседателот на САД треба да се гледаат како целина, наместо да се издвојуваат одредени делови.
Според него, Обама тогаш порача: „Дојде време Асад да се повлече во корист на сирискиот народ“. Кирби ги нагласи зборовите на Обама оти САД нема да бидат оние што ќе направат промени во Сирија, туку дека правото за именување на лидер му припаѓа на сирискиот народ. „Во таа смисла, САД ќе прават притисок Асад да не биде пречка на овие промени“, додаде тој.
Кирби изјави дека САД потоа преземале голем број чекори кога станува збор за ситуацијата во Сирија, и дека главниот државен секретар на САД, Џон Кери, вложувал напори заедно со некои земји, вклучувајќи ја и Русија, со цел да се пронајде политичко решение за сириското прашање.
Тој се осврна и на петгодишното сириско момче Умран Дакнес, кое било повредено во нападот од страна на руските авиони на 17 август, во населениот дел на Алепо. Умран беше фотографиран со крваво лице при акцијата за спасување на преживеаните по нападот во Алепо, а неговата слика го обиколи целиот свет.
„Колкумина од вас ги видоа видеото и фотографиите од тоа момче. Тој има само пет години. Ниту еден ден во животот на ова момче не мина без војна, смрт, уништување и глад“, изјави Кирби.
Во врска со повикот на Обединетите нации за „воспоставување неделно примирје во рок од 48 часа за доставување помош на Алепо“, Кирби рече дека е потребно да се направи повеќе од краткотрајно примирје.
„Ние можеме да го поддржи секој напор за намалување на насилството. Можеме да вложиме максимални напори за луѓето како ова дете (Умран Дакнес) да престанат да страдаат“, порача Кирби, но нагласи дека е потребно долгорочно решение.
Тој додаде дека за прекин на насилството во Сирија, во првата фаза неопходно е режимските сили да престанат да убиваат и рануваат невини луѓе.
„Ги продолжуваме нашите разговори со Русија за на целото подрачје на Сирија да биде постигнат договор за долгорочно примирје“, рече Кирби.