Gizem Nisa Çebi Demir
24 Август 2026•Ажурирано: 24 Август 2026
Специјалната известувачка на ОН, Франческа Албанезе вчера повика на „меѓународно присуство за заштита“ на окупираниот Западен Брег, во Источен Ерусалим и Газа, оценувајќи дека таквото распоредување е „апсолутно итно“, јавува Анадолу.
„Третите држави имаат обврска, во согласност со МСП, да дејствуваат за да се стави крај на незаконската окупација на Израел“, напиша Албанезе на американската платформа за социјални медиуми X, осврнувајќи се на советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од јули 2024 година, со кое израелската окупација на палестинската територија беше оценета како незаконска и беше наведено дека државите не смеат да помагаат во нејзиното одржување.
Албанезе, исто така, се запраша дали дипломатските напори на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и механизмот „Обединети за мир“ на Генералното собрание би можеле да го надминат застојот во Советот за безбедност во врска со конфликтот.
Механизмот му овозможува на Генералното собрание да разгледува прашања поврзани со меѓународниот мир и безбедноста кога Советот за безбедност не може да дејствува поради недостиг на едногласност меѓу неговите постојани членки. Советот постојано не успева да преземе мерки за Газа и Западниот Брег поради ветото на САД.