Yeşim Yüksel
15 Јуни 2026•Ажурирано: 15 Јуни 2026
Климатските промени ја зголемуваат веројатноста за појава на екстремни горештини за време на Светското првенство во фудбал 2026, покажува анализата на истражувачката организација за климатски прашања „Климат Сентрал“. Истражувањето открива дека за 49 од вкупно 104 натпревари има над 50 проценти можност температурата да го надмине критичниот праг од 28 Целзиусови степени, кој негативно се одразува врз физичката подготвеност на фудбалерите. Во студијата се наведува дека климатските промени ја зголемуваат оваа веројатност за минимум 10 процентни поени кај 26 натпревари на првенството, јавува Анадолу.
На Светското првенство во фудбал 2026 ќе учествуваат 48 репрезентации, меѓу кои и Турција, а ќе се одиграат 104 натпревари во 16 града низ САД, Канада и Мексико. Истражувањата покажуваат дека температурите над 28 Целзиусови степени може сериозно да влијаат врз учинокот на фудбалерите, како и врз тактиките и стиловите на игра на репрезентациите.
- Климатските промени најмногу ќе го погодат дуелот Уругвај – Шпанија
Се предвидува дека климатските промени најмногу ќе влијаат врз натпреварот меѓу Уругвај и Шпанија, кој треба да се одигра во Гвадалахара, Мексико, на 26 јуни. Веројатноста температурите да надминат 28 Целзиусови степени на тој натпревар изнесува дури 70 проценти – бројка што би била за 37 процентни поени пониска доколку немаше климатски промени.
На натпреварот меѓу Турција и Соединетите Американски Држави, кој ќе се одигра на стадионот во Лос Анџелес на 25 јуни, веројатноста температурите да надминат 28 Целзиусови степени достигнува 49 проценти, при што климатските промени придонесуваат со 6 процентни поени во оваа бројка.
За финалниот натпревар во Њу Џерси, кој ќе се одигра на 19 јули, веројатноста фудбалерите да се натпреваруваат на горештини што негативно влијаат врз нивниот учинок изнесува 47 проценти, во споредба со 30 проценти колку што би изнесувала бројката без климатски промени.
– Растот на температурите на стадионите –
Истражувањето, исто така, анализираше колку често се бележеле денови со тропски горештини во јуни и јули во последните десет години (2016–2025), споредено со децениите кога десет од градовите домаќини последен пат беа дел од организацијата на еден мундијал. Мајами, кој беше домаќин во 1994 година и Мексико Сити, домаќин во 1986 година, во изминатата деценија забележале дури седумпати повеќе екстремно топли денови во јуни и јули во споредба со периодите кога претходно беа организатори на првенството.
– „Ова мора да се оцени од аспект на здравјето на играчите, а не само според нивниот учинок“ –
Во интервјуто за Анадолу, проф. д-р Абдула Јенер Инџе, специјалист по ортопедија и трауматологија во болницата „Аџибадем Маслак“ во Истанбул, изјави дека порастот на температурите е меѓу најитните еколошки предизвици во фудбалот денес и дека ова прашање мора да се оцени како од аспект на здравјето на играчите, така и од аспект на нивниот учинок.
Тој истакна дека играчите понекогаш се принудени да се борат не само против противниците на теренот, туку и против временските услови – предизвик што станува значително поизразен за време на летните турнири.
„Играчите губат повеќе течности, нивниот пулс се забрзува, а закрепнувањето станува потешко. Сè потешко е да се одржи трчањето со висок интензитет во завршните фази од натпреварите. Во одреден момент на исцрпеност, организмот почнува да се фокусира единствено на сопственото ладење наместо на учинокот“, изјави тој.
Како што се зголемува горештината, така се намалува бројот на интензивни спринтови кај играчите, а концентрацијата сè потешко се одржува. Во такви услови, дури и задоцнување од една секунда при донесувањето клучна одлука на теренот може целосно да го смени крајниот резултат на мечот, вели тој.
Тој, исто така, забележа дека многу репрезентации сега го вклучуваат процесот на приспособување на топлината во своите планови за подготвителни кампови пред турнирот бидејќи адаптацијата на телото на високи температури може да направи значајна разлика во учинокот.
– „ Жештините може да го сменат текот на натпреварите” –
Инџе истакна дека температурите што се очекуваат на Светското првенство ќе влијаат и врз стиловите на игра и врз резултатите. „Некои репрезентации ја градат својата игра околу брзо темпо и висок пресинг, додека други претпочитаат да го контролираат натпреварот преку посед на топката. Топлото време може особено да влијае врз стиловите на игра за кои е потребна поголема енергија, а тоа може да го смени текот на натпреварите“, истакна тој.
На крајот, тој истакна дека процесот на подготовки во фудбалот се менува.
„Порано зборувавме само за науката на тренингот и исхраната, а денес веќе зборуваме и за климатските услови. Во годините што се пред нас на успешните репрезентации нема да им бидат потребни само добри играчи, туку селекции со стабилно здравје и висок учинок, кои можат да се прилагодат на условите од околината. Ова веќе не е луксуз, туку стана важен дел од играта“, заклучи тој.