Berk Kutay Gökmen
24 Септември 2026•Ажурирано: 24 Септември 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Ѓинпинг денес ќе одржат разговори во Вашингтон, при што се очекува во фокусот да бидат трговијата, ретките земни минерали, вештачката интелигенција и пошироките геополитички тензии, јавува Анадолу.
Трамп лично ги пречека Си и неговата сопруга Пенг Лијуан вчера во воздухопловната база Ендрус во близина на Вашингтон, што претставува редок гест бидејќи американските претседатели вообичаено странските лидери ги пречекуваат во Белата куќа.
Тоа беше првпат, најмалку од 1962 година, американски претседател да пречека странски лидер на пистата на оваа база.
Тридневната државна посета на Си е негова прва државна посета на Вашингтон по повеќе од една деценија. Посетата се реализира во период кога примирјето во трговската војна меѓу САД и Кина е продолжено до 10 јануари.
Според договорот, Вашингтон ги суспендираше повисоките реципрочни царини и намали дел од давачките поврзани со фентанилот, а Пекинг ги намали ограничувањата за критичните минерали.
Вештачката интелигенција е уште една тема за која се очекува да разговараат, додека во пошироките разговори може да бидат опфатени и прашањата поврзани со Тајван, Иран, Украина и Северна Кореја.
Средбата на Трамп со Си се одржува и во услови кога САД се во војна со Иран, а конфликтот меѓу Русија и Украина продолжува.
Во пресрет на самитот Трамп-Си, американскиот државен секретар Марко Рубио во средата изјави: „САД и Кина се две најголеми економии во светот. Веројатно тие ги имаат и двете најмоќни армии во светот. Односите меѓу САД и Кина ќе го дефинираат 21 век.“
Во четврток Трамп треба да го пречека Си во Белата куќа со официјална церемонија и воена смотра, по што двајцата лидери ќе одржат разговори без присуство на јавноста, како и разговори на ниво на делегации.
Денот ќе заврши со државна вечера што Трамп и првата дама Меланија Трамп ќе ја приредат за Си и Пенг.
На вечерата се очекува да присуствуваат повеќе истакнати американски претставници од технолошкиот и деловниот сектор, меѓу кои Илон Маск, извршниот директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, извршниот директор на „Епл“, Тим Кук и извршниот директор на „ОпенВИ“, Сем Алтман.
Двајцата лидери треба повторно да се сретнат утре, пред Си да замине од Вашингтон.
Посетата на Си се реализира откако во мај го пречека Трамп во државна посета, кога двете страни се согласија за „нова визија за градење конструктивни кинеско-американски односи засновани на стратегиска стабилност“.