свет

„Убиството на турско-американската активистка на Западниот Брег не е изолиран инцидент“, изјави Израелски очевидец

- Турско-американската активистка Ајшенур Езги Ејги вчера беше убиена од израелските сили за време на протестот против изградбата на нелегални еврејски населби во градот Беита во областа Наблус на окупираниот Западен Брег.

Muhammed Enes Çallı  | 07.09.2024 - Обновена : 08.09.2024
„Убиството на турско-американската активистка на Западниот Брег не е изолиран инцидент“, изјави Израелски очевидец

НАБЛУС (АА) – Убиството на турско-американската активистка од страна на Израел на северот на окупираниот Западен Брег не е „изолиран инцидент“, бидејќи израелските сили досега убија 17 активисти за човекови права во изминатите неколку години, изјави Израелец кој бил сведок на убиство на Ајшенур Езги Ејги, известува Анадолу.

Турско-американската активистка Ајшенур Езги Ејги вчера беше убиена од израелските сили за време на протестот против изградбата на нелегални еврејски населби во градот Беита во областа Наблус на окупираниот Западен Брег.

Џонатан Полак, очевидец и израелски активист кој учествуваше на протестите, за Анадолу ги објасни околностите околу убиството на 26-годишната Ејги.

Тој рече дека биле во Беита за да протестираат против изградбата на нелегалните еврејски населби во тој град и додаде дека луѓето петочната молитва ја извршиле опкружени од војници.

„Штом заврши молитвата, избувнаа судири меѓу војниците и младината. Војниците веднаш користеа солзавец и боева муниција“, рече Полак, додавајќи дека се повлекле кон населеното подрачје на селото, околу 150 до 200 метри од местото каде што се наоѓале војниците.

Полак рече дека израелските војници зазеле стратешка положба преземајќи ја контролата на покривот од една куќа.

Тој додаде дека на работ на селото останале околу половина час пред да слушнат два истрели од боева муниција.

„Тоа беа два истрели од боева муниција. Првиот куршум погодил метален предмет, по што погодил едно момче од селото во бутот“, рече Полак.

По испуканиот втор истрел, рече дека го повикале луѓето и побарале помош.

„Потрчав кон маслинарникот и ја најдов како лежи на земја под маслиново дрво и крвари до смрт. Војникот ја видел јасно. Таму била со уште двајца странци. Ја ставив раката под нејзината глава за да се обидам да го запрам крварењето и ѝ го измерив пулсот. Имаше многу слаб пулс“, рече Полак.

Активистка Ајшенур Езги Ејги потоа била сместена во возило на брза помош и пренесена во Медицинскиот центар Беита. Оттаму лекарот влегол во амбулантното возило и продолжиле кон болницата.

„Важно ми е да кажам дека ова не е изолиран инцидент. Единствената причина што сега слушаме за ова е затоа што ова е трагична смрт на Американка“, рече Полак, додавајќи дека од 2021 година вкупно 17 луѓе се убиени во демонстрациите во Беита, од кои сите се Палестинци.

Тој вети дека без разлика на сѐ, ќе продолжи да стои покрај палестинскиот народ во неговата борба за слобода.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.