Alyssa Mcmurtry
25 Ноември 2026•Ажурирано: 25 Ноември 2026
Шпанскиот остров Ел Хиеро вчера прими рекордни 1.971 мигрант, што е најголем дневен број во евиденцијата на шпанските служби за спасување на море, според податоците што ги состави шпанската новинска агенција ЕФЕ, јавува Анадолу.
Мигрантите пристигнале со 14 чамци, а едно лице било пронајдено мртво, според податоците на службите за итни случаи што ги цитира ЕФЕ.
Меѓу пристигнатите имало најмалку 203 жени и 137 малолетници, меѓу кои и девојче старо четири дена, родено за време на преминувањето на Атлантскиот Океан.
На островот, на кој живеат околу 12.000 жители, е отворена теренска болница за да се намали притисокот врз локалните здравствени служби.
Вчерашната бројка го надмина претходниот рекорд од 1.580 мигранти спасени на островите Ел Хиеро, Гран Канарија и Тенерифе на 14 ноември.
Пристигнувањето продолжи и денес, кога уште 190 мигранти стигнале на Ел Хиеро со два чамца рано во текот на денот, јави регионалниот јавен сервис РТВЦ.
„Денови како овој ни ја покажуваат човечката димензија на миграцискиот предизвик со кој се соочуваат Канарските Острови и Ел Хиеро“, напиша претседателот на Канарските Острови, Фернандо Клавихо, на американската платформа за социјални медиуми Х.
Клавихо вчера рече дека дипломатските напори на Шпанија во Сенегал и Гамбија „не го даваат посакуваниот ефект“.
„Реалноста е дека чамците продолжуваат да испловуваат и да пристигнуваат на нашите брегови“, рече тој, повикувајќи на посилна гранична контрола и поголемо ангажирање на Мадрид и Европската Унија.
Регионалната Влада вчера соопшти дека во ноември досега речиси 14.000 мигранти пристигнале со 139 чамци, при што Ел Хиеро бил дестинација на 83,5 проценти од чамците што стигнале до архипелагот.
Клавихо рече дека теренската болница, отворена минатата недела, помогнала да се намали притисокот врз здравствените служби на островот.
Тој ги повика и властите да го забрзаат отстранувањето на чамците на мигрантите што се натрупуваат во Ла Рестинга, за риболовот, нуркањето и другите активности да се вратат во нормала.
Канарските Острови згрижувале 3.325 малолетни мигранти без придружба, бројка за која Клавихо предупреди дека може да надмине 4.000 до крајот на годината доколку пристигнувањата и трансферите во други шпански региони продолжат со сегашното темпо.
Баскиската Влада вчера соопшти дека ќе испрати медицинска опрема и лекови на Ел Хиеро, по претходната најава дека ќе бидат распоредени двајца лекари и четири медицински сестри за да им помогнат на локалните здравствени служби.
Синдикатот ЦГТ, кој ги претставува работниците во службите за спасување на море, исто така, повика на засилување, предупредувајќи дека недостигот од персонал влијае врз здравјето на екипите.
Во меѓувреме, семејства во Сенегал побараа помош во потрагата по 172 лица што испловиле со чамец на 9 ноември и оттогаш немаат никаква информација за нив, според сенегалската јавна новинска агенција АПС.
Многумина од нив биле млади рибари од заедниците околу Дакар, а локалните лидери велат дека намалувањето на рибните ресурси, конкуренцијата од големите рибарски бродови и економските тешкотии ги принудуваат младите да ризикуваат на опасни патувања кон Европа.