Gizem Nisa Çebi Demir
19 Јуни 2026•Ажурирано: 19 Јуни 2026
Американскиот весник „Њујорк тајмс“ се соочува со нови критики поради известувањето за истрагата за наводните врски меѓу претседателската кампања на американскиот претседател Доналд Трамп во 2016 година и Русија откако медиумот на конзервативците „Џаст д њуз“ изнесе тврдења дека весникот ги игнорирал доказите што укажуваат на тоа дека федералните власти ги надгледувале членовите на кампањата, јавува Анадолу.
„Џаст д њуз“ вчера го оспори неодамнешниот текст на „Њујорк тајмс“ во кој се наведува дека Трамп „без докази“ тврдел дека администрацијата на Обама ги злоупотребила овластувањата за надзор против неговата кампања.
Медиумот се повика на извештајот на генералниот инспектор на американското Министерство за правда од 2019 година, признавањето на вината на поранешниот адвокат на ФБИ, Кевин Клајнсмит, за измена на е-поштата користена во барањето за налог за надзор, како и на спогодбата на Министерството за правда за тужбата поднесена од поранешниот советник во кампањата на Трамп, Картер Пејџ.
„Ниеден Американец не треба да се соочи со таен и незаконски надзор врз основа на неговите политички ставови“, изјави портпаролот на Министерството за правда.
„Џаст д њуз“, исто така, се повика и на извештајот на специјалниот советник Џон Дурам од 2023 година, во чиј заклучок се наведува: „Ниту американските органи за спроведување на законот ниту разузнавачката служба не располагале со конкретни докази за надзор во моментот кога започнала истрагата 'Кросфајр хурикејн“( Crossfire Hurricane).
Во официјалниот одговор до „Џаст д њуз“, уредништвото на „Њујорк тајмс“ застана зад своите написи, со став дека нивното „известување за споровите околу продолжувањето на членот 702 од Законот за надзор над странското разузнавање (FISA), на јавноста ѝ пренесува јасна и фактографски прецизна слика.
Од весникот застанаа во одбрана на своите написи за истрагата „Трамп-Русија“, за кои ја освоија Пулицеровата награда, додека Трамп поднесе тужба против Одборот за доделување на наградите, поради нивната одлука да не ги повлечат признанијата.
Пулицеровата награда е едно од најпрестижните американски новинарски признанија. Воспоставена во 1917 година од новинскиот издавач Џозеф Пулицер, оваа награда се доделува за извонредни достигнувања во новинарството, литературата, драмата и музиката.