МЕЛБУРН (АА) - Министерот за одбрана на Австралија, Питер Датон, одговори на Кина и Франција, кои реагираа на Договорот за безбедносно партнерство АУКУС, што ќе ѝ овозможи на неговата земја да изгради подморници со нуклеарен погон заедно со САД и Велика Британија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
За австралиската „Скај њуз“ (Sky News), министерот Датон даде изјави во врска со реакциите на новиот Договор за безбедносно партнерство потпишан од САД и Велика Британија, што ќе ѝ помогне на Канбера да се здобие со подморници со нуклеарен погон.
Сојузот АУКУС, кој е кратенка на имињата на трите земји на англиски јазик, Датон го опиша како „историска одлука“.
Нагласувајќи дека неговата земја се залага за мир во регионот, министерот Датон рече: „Сакаме мир и стабилност во нашиот регион, а не принуда, мешање, тиранија, и тоа е многу важно.“
Датон рече дека нема да ѝ „се извинат“ на Франција, која реагираше на откажувањето на договорот, кој предвидуваше изградба на подморници меѓу неговата земја и француската компанија „Навал“.
Наведувајќи дека нуклеарните подморници поддржани од САД се подобар избор, австралискиот министер за одбрана, Датон, рече: „Ги разгледавме опциите што ни стоеја на располагање. На крајот донесовме одлука за она што е во најдобар интерес за нашата национална безбедност.“
Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан, реагирајќи на откажувањето на договорот меѓу неговата земја и Австралија, рече дека Австралија презела активност што не доликува на сојузот.
„Навистина, погодени сме од зад грб. Имавме односи на доверба со Австралија, извршено е предавство на оваа доверба“, рече Ле Дриан.
Критиките кои доаѓаат од Кина, Датон ги оцени како незрели, и додаде: „Сметам дека коментарите се непродуктивни, незрели и искрено, срамни.“
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Џао Лиџиан истакнувајќи дека договорот АУКУС ќе наштети на регионалниот мир и стабилност, рече: „АУКУС сериозно го поткопува регионалниот мир и стабилност, ја интензивира трката за вооружување и ги поткопува меѓународните напори за неширење на нуклеарното оружје.“
- Договорот за безбедносно партнерство АУКУС -
Австралискиот премиер Скот Морисон, американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Борис Џонсон соопштија започнување на ново безбедносно партнерство наречено АУКУС во заедничка изјава објавена по нивниот состанок преку видеоконференција.
Во соопштението се наведува дека Австралија ќе биде поддржана да ѝ овозможи на Кралската австралиска морнарица да набави подморници со нуклеарен погон.
Се наведува дека подморниците со нуклеарен погон, кои ќе бидат во сопственост на Австралија, ќе ја поддржат стабилноста во Индопацифичкиот Регион и ќе се користат за да придонесат за заедничките вредности и интереси на земјите членки на договорот.
Исто така, се посочи дела договорот е склучен против зголеменото воено присуство на Кина во Индопацифичкиот Регион.
Новиот договор за партнерство го означи и крајот на францускиот проект за подморници, во вредност од 90 милијарди долари, што австралиската Влада го потпиша со француската компанија во 2016 година. Договорот предвидува изградба на 12 подморници.
news_share_descriptionsubscription_contact
