Islam Uddin
07 Февруари 2022•Ажурирај: 08 Февруари 2022
АНКАРА
Австралија во понеделник го најави повторното отворање на нејзините граници за целосно вакцинирани туристи од 21 февруари, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението објавено од Кабинетот на премиерот се вели дека земјата повторно ќе ги отвори границите за сите целосно вакцинирани носители на визи, поздравувајќи го враќањето на туристите, бизнис-патниците и другите посетители.
„Овие промени ќе овозможат да го заштитиме здравјето на Австралијците, додека продолжуваме да го обезбедуваме нашето економско закрепнување“, рече премиерот, Скот Морисон.
„Здравствениот систем на Австралија ја покажа својата отпорност преку пандемијата со Ковид-19, вклучително и преку неодамнешниот бран на омикрон. Со подобрување на здравствените услови, меѓу кои и неодамнешниот пад од 23 проценти на хоспитализација поради Ковид-19, Комитетот за национална безбедност на кабинетот денес се согласи дека Австралија е подготвена за понатамошен напредок за етапно повторно отворање на нашата меѓународна граница“, додаде тој.
Сепак, оние кои имаат виза а не се целосно вакцинирани ќе треба да поднесат барање за изземање, а ако владата го одобри нивното барање за влез во Австралија, тие ќе мора да бидат во карантин.
Морисон рече дека новата одлука за повторно отворање на границите за туристи ќе го зајакне туризмот.
Во 2018-19 година, Австралија генерира преку 60 милијарди долари со повеќе од 660.000 работни места, сепак, појавата на пандемијата со Ковид-19 во земјата влијаеше на туризмот бидејќи Австралија остана меѓу оние земји која строго ги затворија своите граници за патниците од странство до ноември минатата година.