Islam Uddin
03 Март 2022•Ажурирај: 04 Март 2022
АНКАРА (АА) ‒ Руската амбасада во Австралија беше евакуирана денеска откако доби сомнително пакување, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според „Скај њуз“ (Sky News), до Амбасадата во Канбера бил доставен плик со бел прав, што предизвикало паника кај персоналот.
Полицијата и итните служби пристигнале на местото на настанот, го евакуирале персоналот и го опколиле подрачјето околу Амбасадата.
Австралиската полиција го потврди развојот на настаните, наведувајќи дека е поставен кордон и апелира до јавноста да го избегнува тоа подрачје до понатамошно известување.
Австралиската Влада застана на страната на нејзините западни партнери и воведе економски санкции против Русија и нејзините највисоки претставници по нападот врз Украина.
Руската амбасада вчера ги предупреди Австралијците да се воздржат од погрдни коментари на нејзините официјални профили на социјалните мрежи, по протестот за поддршка на Украина пред нејзиното седиште во Канбера.