Büşra Selvi Öğütcen
22 Февруари 2016•Ажурирај: 23 Февруари 2016
АНКАРА (АА) - Русија е виновна за воените злосторства во Сирија, соопштено е од организацијата "Amensty International" (AI), пренесува Anadolu Agency (AA).
Директорката на програмата за одговор на кризите на "Amnesty International", Тирана Хасан, говореше за руските напади во Сирија во изминатите неколку недели насочени кон цивилното население, спасувачките екипи, училиштата, болниците и додаде дека тие напади и понатаму продолжуваат.
„Русија е одговорна за некои од најужасните злосторства направени во последните неколку години”, рече Хасан, која смета дека бомбардирањето на Русија и режимските сили на сирискиот претседател Башар ал-Асад се во целост воени злосторства.
Русија во нападите во последните четири месеци во Сирија бомбардираше 27 училишта и 27 здравствени установи на подрачја кои се наоѓаат под контрола на умерената опозиција.
Според податоците на Обединетите нации (ОН) во нападите на четири болници и училиште во Сирија кои се случија на 15-ти февруари, загинаа најмалку 46 лица, а над 70 беа ранети. Претходно, гласноговорникот на Високиот комесаријат за човекови права при ОН, Руперт Колвил, минатата недела рече дека овие напади се неприфатливи и дека може да се сметаат како „воено злосторство”.
Организацијата за заштита на човековите права (HRW) минатата недела ја повика Русија и силите на режимот на Асад да престанат со нападите врз болниците и училиштата како и врз местата на кои има многу цивили.
Кон крајот на септември 2015 година, руските авиони започнаа со бомбардирање на повеќе сириски градови. Иако Русија тврди дека мета на нејзините напади се позициите на терористичката организација ДАЕШ, често, жртви на овие напади се сириските цивили. Исто така, во текот на овие напади често се уништуваат воени стожери како и центрите за обука на сириската опозиција кои се наоѓаат во Хомс, Хама, Идлиб и Алепо.