Hasan Esen
15 Септември 2021•Ажурирај: 16 Септември 2021
ЛОНДОН (АА) - На амбасадорот на Кина во Лондон, Џенг Ѕегуанг, му е забранет влез во британскиот Парламент поради санкциите што Пекинг ги воведе за некои британски пратеници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Амбасадорот Џенг доби забрана да присуствува на приемот во Парламентот.
Линдзи Хојл, претседател на Долниот дом, и Лорд Мекфол, претседател на Домот на лордовите, одлучија на Џенг да му биде забранет влезот во Парламентот.
Како причина за одлуката наведени се санкциите воведени од страна на администрацијата на Пекинг, вклучувајќи ја и забраната за патување и замрзнување на имотот на 5 британски пратеници, обвинети за „ширење лажни вести за Кина“ во врска со настаните во Ујгурскиот Автономен Регион.
Нусрат Гани, еден од пратениците за кои се воведени санкции, во изјава за „Би-би-си“ во врска со одлуката рече дека ја поздравува „невидената“ забрана за кинескиот амбасадор и истакна: „Воведувањето санкции за пратениците е директна закана врз нашиот парламент и нашата демократија. Ние нема да бидеме ниту замолчени ниту заплашени од кој било режим и нашиот парламент нема да стане пропагандна алатка за апсурдните санкции на Кинеската комунистичка партија.“
Кинеската амбасада, пак, тврди дека ова е „ниска и кукавичка“ одлука што ќе им наштети на интересите и на двете земји.
Минатата недела, петте санкционирани пратеници на Конзервативната партија, Иан Данкан-Смит, Том Тугендхат, Нусрат Гани, Нил О'Брајан и Тим Лаутон, напишаа писмо до претседателот на Долниот дом во кое бараат на кинескиот амбасадор во Лондон, Џенг, да му се забрани влез во Парламентот.
„Санкциите наметнати од кинеската Влада не претставуваат само напад директно насочен врз членовите кои се земени како цел, туку напад и врз Парламентот, сите парламентарци и комисии. Во никој случај не смееме да дозволиме нашето работно место да стане платформа која би ги оправдала и поттикнувала таквите санкции“, се вели во писмото.