Kemal Zorlak
31 Август 2017•Ажурирај: 01 Септември 2017
КОКС БАЗАР (AA) – Група Рохинџа муслимани од Аракан, кои беа принудени да го напуштат Мјанмар поради новиот бран насилства и напади на тамошната војска, најдоа засолниште во регионот Гумдум, недалеку од градот Кокс Базар во Бангладеш, но животот за нив во тоа место е многу тежок, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако ги напуштија своите домови и на тој начин се спасија од насилничката мјанмарска војска, араканските муслимани во регионот Гумдум престојуваат во импровизирани шатори.
Сепак, импровизираните засолништа не се доволни за да се заштитат од дожд и невреме.
Во некои шатори престојуваат и по десет лица, некои од нив во шаторите престојуваат заедно со стоката, а дел од импровизираната населба по обилните дождови остана под вода.
Голем број организации за заштита на човековите права, меѓу кои и „Amnesty International“ (Амнести Интернешнал) масакрите во Аракан ги нарекуваат геноцид, а пораки на осуда стигнаа од сите делови на светот.
Портпаролката на Европскиот совет за Рохинџа, Анита Шуг, во понеделникот во Женева изјави дека во подрачјето на Аракан, во последните три дена, во нападите на војската на Мјанмар се убиени меѓу две и три илјади муслимани.
Според официјалните податоци и извештаите на ОН, Рохинџа муслиманите се најзагрозеното национално малцинство во светот. Рохинџа муслиманите немаат своја држава и нивните права се значително ограничени.