Şerife Çetin
05 Ноември 2017•Ажурирај: 05 Ноември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Федералното обвинителство на Белгија потврди дека утринава на белгиската полиција се предале суспендираниот претседател на шпанската покраина Каталонија, Карлес Пучдемон, и четворица министри за кои во петокот Шпанија издаде европски налог за апсење, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на канцеларијата на белгиското обвинителство, Жил Дејемепе, даде изјава за новинарите во Брисел и соопшти дека петте приведени лица ќе бидат задржани во притвор до утре наутро, кога судијата треба да одлучи за понатамошното процесуирање.
Дејемепе рече дека Пучдемон и неговите четворица министри се предале на полицијата во придружба на адвокати и дека официјално им е соопштено оти за нив е издадена европска потерница за апсење.
„Приведувањето е извршено утрово во 9:17 часот, а приведените во следните часови ќе бидат изведени пред судија. Истражниот судија во рок од 24 часа мора да донесе одлука за понатамошниот процес“, објасни Дејемепе.
Тој додаде дека судијата има можност да нареди апсење и да ги задржи во притвор приведените лица или да ги ослободи со одредени мерки за забрана.
Заедно со Пучдемон, на белгиската полиција ѝ се предадоа министрите од неговата суспендирана влада: Мариа Алеу Серет, Антони Оливерес Комин, Oliveres, Луис Горди Пуиг и Клара Oбиолс.
Во Шпанија се обвинети за бунт, поттикнување на бунт и злоупотреба на јавни средства и кршење на довербата, а во Белгија отпатуваа откако беа разрешени за нелегалното прогласување независност на Каталонија.
Во петокот, Шпанија издаде налог за апсење на Пучдемон и неговите советници, а поранешниот каталонски лидер изјави дека нема да се врати во својата земја, освен ако не му биде гарантирано правично судење. Тој, исто така, објави дека е подготвен целосно да соработува со белгиското судство.