Selen Valente Rasquinho
07 Февруари 2024•Ажурирај: 08 Февруари 2024
БРИСЕЛ (АА) - Белгија привремено ги суспендираше лиценците издадени за фабриката за барут „ПБ Клермон“, која извезуваше барут во Израел, пренесува Анадолу.
Силвен Жонкир, портпарол на Владата на Валонија, која управува со зоната во Белгија каде што се зборува француски, во изјава за новинарот на Анадолу потврди дека лиценците издадени во 2023 година за фабриката за барут „ПБ Клермон“ со седиште во градот Лиеж, кои важат за 18 месеци, се суспендирани на неопределено време.
Жонкир го сподели и писмото во кое е објавена одлуката на премиерот на Валонија, Елио ди Рупо, во врска со ова прашање.
Според ова писмо, Валонија од 2009 година досега не извезува каква било опрема што ги зајакнува воените капацитети на Израел.
Барутот произведен од оваа фабрика не се испраќа за да биде употребен од страна на израелската војска, туку за извоз на муниција произведена со цел да се извезува во земјите од ЕУ, вклучувајќи ја и Белгија, и до САД.
„Но, со одлуката на Меѓународниот суд за правдата од 27 јануари, и поради неприфатливото влошување на хуманитарната состојба во Појасот Газа, лиценците што беа валидни во моментот се суспендирани“, се вели во писмото на Ди Рупо.
Меѓу другото, весникот „Де Морген“, кој објавува вести на фламански јазик, на 25 јануари соопшти дека фабриката „ПБ Клермон“ во ноември 2023 година испратила 16 тони барут во Израел.