Melike Pala
27 Мај 2026•Ажурирано: 27 Мај 2026
Белгија предупреди дека нејзините оптоварени јавни финансии оставаат многу мал простор за зголемување на придонесите во следниот долгорочен буџет на Европската Унија (ЕУ). Оваа реакција доаѓа во време кога преговорите откриваат длабоки поделби меѓу земјите членки околу идните трошоци и приоритети на Унијата, јавува Анадолу.
Министрите за европски прашања во вторникот се состанаа во Брисел, пред официјалните преговори за Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година. Се очекува дискусиите да се интензивираат на самитот на Европскиот совет во јуни.
Минатата година, Европската комисија предложи буџет од 2 билиони евра, што е еднакво на околу 1,26 отсто од бруто-националниот доход на ЕУ. Оваа рамка значително би ги зголемила националните влогови на земјите членки, вклучително и пораст од 56 отсто за членарината на Белгија.
Шефот на белгиската дипломатија, Максим Прево, уште еднаш ја истакна загриженоста поврзана со буџетските ограничувања, нагласувајќи дека просторот за какво било значително зголемување на давачките е многу мал, информираше денес новинската агенција Белга.
Тој се состана со своите колеги од Шведска, Данска, Финска, Германија, Холандија, Франција, Австрија и Ирска, кои ја сочинуваат групата на земји со нето-придонес во буџетот на Унијата.
По состанокот, шведската министерка за европски прашања, Џесика Розенкранц, изјави дека овие земји се согласиле дека има „сосем мал простор за зголемување на придонесот“, притоа повикувајќи на „модернизација“ на буџетот на ЕУ со поголем фокус на конкурентноста, одбраната и безбедноста.
Прево изјави дека Белгија себеси се гледа „повеќе како иноватор, отколку како штедач“, но нагласи дека фондовите за земјоделство и кохезија мора да останат „значителни, загарантирани и заштитени“.
Од друга страна, група од 16 земји членки на ЕУ, главно од јужниот и источниот дел на Унијата, меѓу кои и Италија, Шпанија и Полска, побараа „поамбициозен“ буџет и апелираа за поголема поддршка на земјоделството и кохезивните политики.
Овој блок земји исто така предложи побавна отплата на долгот од ЕУ-фондот од заздравувањето од пандемијата, и укинување на попустите за побогатите земји членки.
Земјите членки остануваат поделени околу опциите за финансирање, вклучително и потенцијалните нови даноци на ниво на ЕУ или заедничкото задолжување, опции кои некои држави ги поддржуваат, додека други, вклучувајќи ги Германија и Белгија, строго им се спротивставуваат.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, се надева дека договорот ќе биде постигнат до крајот на годината, по што буџетот ќе треба да биде одобрен и од Европскиот парламент.