Ekipa
25 Декември 2018•Ажурирај: 26 Декември 2018
ВАТИКАН (АА) - Папата Франциско, со божиќна желба за братство меѓу луѓето од различни религии, раси или идеи, опишувајќи ги разликите во светот како богатство, а не како опасност, повика на изнаоѓање политички решенија, со цел ставање крај на војните во Сирија, Јемен и на други места, пренесува Anadolu Agency (AA).
Конфликтите во Украина и тензиите на Корејскиот Полуостров, исто така, беа дел од пораката за Божиќ, што папата ја прочита денес од централниот балкон на базиликата „Свети Петар“.
Обраќајќи им се на десетици илјади туристи и граѓани кои дојдоа на плоштадот „Свети Петар“, папата Франциско истакна дека без братство „постои ризик, дури и нашите најдобри планови и проекти да бидат бездушни и празни“.
„Нашите разлики не претставуваат загуба или пак, опасност, тие се извор на богатство“, рече папата Франциско.
Тој изрази жалење од трендот на национализмот, кој поттикна сомнежи во однос на мигрантите и бегалците, особено во Европа и САД.
Папата во божиќната порака ја повика меѓународната заедница да работи решително за изнаоѓање политичко решение кое може да ги стави настрана поделбите и интересите на одредени страни, со цел сирискиот народ, особено оние кои беа принудени да ја напуштат својата земја и да побараат засолниште на друго место, да можат да се вратат и да живеат во мир во нивната сопствена земја.