Hakan Çopur
03 Февруари 2019•Ажурирај: 03 Февруари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Советникот за национална безбедност во Белата куќа, Џон Болтон, ги повика високите претставници во венецуелската војска да го поддржат самопрогласениот претседател на оваа земја и лидер на опозицијата, Хуан Гваидо, пренесува Anadolu Agency (AA).
Болтон објави порака на социјалната мрежа Твитер во која им се обрати на командантите на војската на Венецуела.
„Високи команданти на венецуелската војска, сега е време да застанете на страната на народот на Венецуела. Тоа е ваша одговорност и право за да го заштитите Уставот и демократијата на Венецуела“, напиша Болтон.
Тој потсети дека еден генерал во венецуелската војска го поддржал Гваидо како претседател на земјата, и порача: „САД ги повикуваат припадниците на венецуелската војска да го следат генералот Јанез и да ги заштитат оние кои мирно протестираат и се борат за демократија.“
Припадникот на воздухопловните сили, генерал Франциско Естебан Јанез, изјави дека го признава Гваидо како претседател на земјата и стана првиот висок воен претставник кој го стори тоа.
Американскиот потпретседател Мајк Пенс порача дека е дојдено времето да се сопре режимот на Мадуро. Додаде дека неговата земја е подготвена да испрати хуманитарна помош во Венецуела.
Венецуела е зафатена со протести од 10 јануари, кога претседателот Мадуро положи заклетва за втор мандат, по изборите кои ги блокираше опозицијата.
Напнатоста дополнително порасна кога Гваидо на 23 јануари се самопрогласи за привремен претседател.
Меѓу земјите кои го признаа Гваидо се САД, Бразил, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама, Парагвај...
Боливија и Мексико и понатаму го признаваат Мадуро. Русија, Кина, Иран, како и Турција, исто така му дадоа поддршка на Мадуро.
Европските сили Велика Британија, Германија, Франција и Шпанија го повикаа Мадуро да распише вонредни избори, со цел ублажување на кризата.