Aysu Biçer
02 Октомври 2024•Ажурирај: 03 Октомври 2024
ЛОНДОН (АА) - Силите на Обединетото Кралство се вклучени во поддршката на Израел по ракетниот напад извршен од Иран, јавуваат британските медиуми денес, јавува Анадолу.
Нападот е одговор на неодамнешните напади во кои беа убиени клучни личности од Хезболах, Хамас и висок ирански командант.
Премиерот Кир Стармер го потврди ставот на Обединетото Кралство, прогласувајќи целосна поддршка на нацијата за правото на Израел на самоодбрана, според Би-би-си.
Иако не се целосно откриени конкретни детали за вмешаноста на Велика Британија, британските борбени авиони одиграа улога во одговорот, како што имаа во слична ситуација во април кога Иран последен пат лансираше проектили кон Израел.
Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда нагласи дека ракетниот напад, составен од 180 проектили, бил директен одговор на убиствата на нивните водачи.
Израел објави дека повеќето од проектилите биле пресретнати.
Граѓаните на Обединетото Кралство во Либан беа повикани да го пријават своето присуство кај владините претставници за евакуација.
Авион најмен од британската Влада денес треба да полета од Бејрут, но неколку Британци пријавија тешкотии во добивањето потврда за своите места на летот и покрај тоа што платиле.