Tayfun Salcı
09 Април 2018•Ажурирај: 10 Април 2018
ЛОНДОН (АА) - Британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, оствари телефонски разговор со својот француски колега, Жан-Ив Ле Дриен, за хемискиот напад извршен во Дума, Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Министерството за надворешни работи на Британија, Џонсон и Ле Дриен разговараа околу нападот со хемиско оружје извршен од страна на силите на сирискиот режим во подрачјето на Дума, во Источна Гута.
Џонсон истакна дека потребно е да се реализира итна истрага околу случувањата во Дума, и нагласи дека е важно да постои силна меѓународна реакција против нападот.
Двајцата министри потенцираа дека во рамките на меѓународните истраги откриено е дека Асадовиот режим од 2014 досега најмалку четирипати користел отровен гас, и се согласиле дека сторителите на овој напад треба да одговараат за тоа.
Шефовите на британската и француската дипломатија го осудија користењето на хемиско оружје, без разлика каде и од страна на кого се користи.
Тие се согласија за почитување на Договорот за хемиско оружје, и за меѓусебна соработка со цел да овозможат лицата кои го користат тоа оружје да немаат имунитет.
Џонсон и Ле Дриен истакнаа дека состанокот на Советот за безбедност на ОН, кој ќе се одржи денес во Њујорк, ќе биде еден значаен чекор во утврдувањето на меѓународната реакција против овој напад, и дека на состанокот потребно е да се дискутира за бројни опции.
Состанокот на Советот за безбедност на ОН, на кој ќе се разговара за нападот со хемиско оружје во Дума, беше на иницијатива на одредени постојани земји-членки, меѓу кои и Британија и Франција.
Во саботата, во нападот со хемиско оружје врз цивилите во Дума, последната точка во Источна Гута под контрола на опозицијата, загинаа 78 цивили.