Операциите за пребарување и спасување, поддржани со хеликоптери и беспилотни летала, продолжија денес откако бројот на загинати во разорните ненадејни поплави по должината на границата меѓу Непал и Кина се искачи на 168, а над 1.300 лица сè уште се водат како исчезнати, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Националната управа за намалување и управување со ризиците од катастрофи на Непал потврди 165 смртни случаи и 826 исчезнати лица, меѓу кои туристи, странски државјани, цивилни службеници, војници, полицајци и локални жители.
Меѓу исчезнатите туристи, според наводите, речиси 300 се од Индија, 54 од САД, 34 од Австралија, 33 од Велика Британија, 17 од Малезија и осум од Јужна Кореја.
Кинеските власти потврдија три смртни случаи, а 558 лица сè уште се водат како исчезнати.
Најверојатно поплавите биле предизвикани од одвојување на голем дел мраз од глечер на Хималаите, околу 20 километри североисточно од граничниот премин Расува-Расувагади, според сателитските снимки на кои се повикува весникот „Хималајан тајмс“.
Уривањето предизвикало тони мраз и карпи да паднат во реката Ботекоши, објави весникот.
Непалската Влада соопшти дека ги преместува раселените жители и ги мобилизира армијата и приватните оператори на хеликоптери за операциите за пребарување и спасување.
Непалската армија и приватните оператори на хеликоптери по воздушен пат спасиле 114 лица.
Областа Читван во покраината Багмати регистрирала најголем број загинати, 64, потоа Дадинг 27 и Источен Навалпараси 22.
Непалската полиција соопшти дека 28 полицајци, исто така, сè уште се водат како исчезнати.
Според првичните извештаи, во поплавите се уништени 19 моста и дел од клучен автопат во должина од 40 километри, при што се прекинати транспортните врски и отежнати спасувачките напори.
Непалскиот министер за надворешни работи Шисир Канал изјави дека поплавите предизвикале „огромна штета“ во неколку области, предупредувајќи дека во моментов се достапни само прелиминарни информации.
Тој повика на зголемена претпазливост покрај бреговите на реките Ботекоши и Тришули во областите Нувакот, Дадинг, Горка и Читван, каде што ризикот останува висок.
- Меѓу исчезнатите лица речиси 300 се од Индија -
Министерот Канал за индискиот радиодифузер НДТВ изјави дека „се пријавени речиси 300 исчезнати Индијци и Владата се обидува да воспостави контакт со нив“.
Исто така, рече дека странски државјани, вклучително и Индијци, ја користат маршрутата во погодената област за Масаровар Јатра.
Владата ги прогласи Расува, Нувакот и Дадинг за „подрачја погодени од кризна состојба поради катастрофа“ во период од три месеци.
Националната управа за намалување и управување со ризиците од катастрофи побара од операторите на хеликоптери и беспилотни летала да ги координираат спасувачките напори со окружните администрации, безбедносните агенции и локалните власти.
Исто така, им препорача на заглавените жители да палат огнови и да создаваат чад за да ја сигнализираат својата локација.
Индија, Кина и Светската банка почнале да ја координираат финансиската помош за спасувачките операции, хуманитарната помош и обновата на подрачјата погодени од поплавите, според непалското Министерство за финансии.
Индискиот министер за надворешни работи утринава соопшти дека Њу Делхи пратил втор авион со 37,5 тони хуманитарна помош и средства за справување со последиците од катастрофата, лекови и пакети со храна за Непал.
- Тројца загинати и 558 исчезнати во Тибет -
Најмалку три лица загинале, а 558 сè уште се водат како исчезнати во кинескиот округ Ѓиронг по катастрофата предизвикана од свлечиште, објавија кинеските државни медиуми.
Свлечиштето го погодило пристаништето Ѓиронг во југозападниот дел на Автономниот регион Сизанг, попознат како Тибет, објави денес новинската агенција „Синхуа“ со седиште во Пекинг.
Во погодениот регион денес е испратена раководна група на Кинеската народноослободителна армија за да ги координира заедничките спасувачки операции на воениот персонал.
Граничниот премин Ѓиронг е главен премин за туристите и сообраќајот меѓу Кина и Непал.
Компанијата „Стејт грид Сизанг електрик пауер“ подготвува резерви за итно снабдување со електрична енергија во градот Ѓиронг, се наведува во извештајот.
Кинеското Министерство за управување со вонредни состојби и Националната противпожарна и спасувачка администрација испратиле повеќе од 100 пожарникари и спасувачки лица во подрачјето погодено од катастрофата.
Првиот чартер-авион со спасувачки тим пристигнал на аеродромот во градот Шигаце рано утринава.