Sm Najmus Sakib
25 Јули 2024•Ажурирај: 26 Јули 2024
ДАКА (АА) - Бројот на загинати во студентските протести во Бангладеш се искачи на 201, откако уште четири лица го загубија животот во главниот град Дака и околината по интензивирањето на репресијата против опозициските партии, соопштија официјални претставници и локални медиуми, јавува Анадолу.
Полицискиот час и распоредувањето на војската што стапија на сила во саботата продолжија, со пауза од 10 до 17 часот. Канцелариите и индустриите продолжија со работа вчера во истите периоди на пауза, се вели во соопштението на Владата.
Претходно, министерот за право, Анисул Хак, рече дека полицискиот час ќе се повлече постепено, набљудувајќи ја ситуацијата.
Инспекторот Бачу Миа, одговорен за полициската станица во Медицинскиот колеџ и болница во Дака, потврди за Анадолу три нови смртни случаи синоќа. „Повеќе лица се на лекување во болницата“, истакна тој.
Истиот ден во Савар, на периферијата на главниот град, почина уште едно лице.
Со овие четири лица, бројот на загинати во протестите се искачи на 201. Повеќето од жртвите им подлегнале на раните од куршуми, објави денес националниот весник „Протом ало“.
Анџуман Муфидул Ислам, локална социјална организација која обезбедува погребни услуги за муслиманите, погреба 21 тело.
Во последните три дена полицијата ѝ ги предала на организацијата телата на 21 жртва, изјави за Анадолу Камрул Ахмед, вработен во организацијата.
„Ги погребавме телата. Работата ја завршивме рутински. Полицијата ги чува примероците од ДНК и други детали за идни записи“, додаде тој.
Во Бангладеш од први овој месец се случуваат досега невидени протести и насилство поради повиците за реформи во системот на квоти за посакуваните работни места во јавните служби во земјата, што студентите го сметаат како голема неправда.
Од 16 јули, протестите се интензивираа откако полицијата и членовите на владејачката партија, вклучително и нејзиното студентско крило Студентската лига на Бангладеш, наводно ги нападнале студентите во универзитетските кампуси низ целата земја.
По почетокот на протестите Владата објави информации за реформите на системот на квоти, намалувајќи ја квотата на 7 отсто од 56 отсто.
Студентите кои протестираа, сепак, побараа кампусите повторно да се отворат, да се врати нормалното функционирање во земјата, и дека потоа ќе го одредат следниот начин на дејствување.
Полицијата уапси околу 4.500 луѓе во последните осум дена, од кои 1.400 вчера. Според „Протом ало“, многу од уапсените припаѓаат на опозициската Националистичка партија на Бангладеш (БНП) и на Бангладеш Џамаат-е-Ислами.
Вчера, министерот за внатрешни работи Асадузаман Кан ги обвини опозициските партии за насилството за време на агитацијата за реформи во квотата за владините работни места.
„Ќе ги идентификуваме еден по еден со сета наша сила. Ќе се соочат со правни последици. Нема да отстапиме, ќе го обезбедиме тоа“, порача министерот.