İlayda Çakırtekin
15 Јуни 2026•Ажурирано: 15 Јуни 2026
Британскиот премиер Кир Стармер денеска објави дека на лицата под 16-годишна возраст ќе им биде забранет пристапот до сите главни социјални мрежи, јавува Анадолу.
„Да се води Влада значи да се носат одлуки, а во овој случај јасно е дека целосната забрана е вистинскиот избор“, истакна Стармер на прес-конференцијата, според информациите на „Скај њуз“.
Тој укажа на тоа како социјалните мрежи ги прават децата несреќни, отвораат простор за вознемирување и злоупотреба, а истовремено му штетат и на нивното ментално здравје. Премиерот ја нагласи и опасната содржина на која се изложени децата.
„Не сум подготвен да правам компромиси со безбедноста и среќата на нашите деца. Токму затоа оваа забрана е неопходна и таа дефинитивно ќе се спроведе“, истакна Стармер.
Тој додаде дека платформите кои не се опфатени со оваа општа забрана, како што се гејмерските сервиси, ќе мора да ги спречат децата да комуницираат со непознати лица.
Стармер нагласи дека можноста дел од децата да најдат начин за заобиколување на забраната не треба да биде пречка за нејзиното донесување.
„Ова ќе ги направи нашите деца посреќни. На тој начин ќе им обезбедиме повеќе време, поголема безбедност, поголема слобода во нивниот развој и повеќе можности. На крајот на краиштата, токму тоа е примарната цел на оваа влада“, додаде тој.