Şerife Çetin
03 Декември 2019•Ажурирај: 04 Декември 2019
БРИСЕЛ (АА) - Во некои улици во Брисел, главниот град на Белгија, ќе се воведе забрана за консумирање алкохол од полноќ до утринските часови, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одлуката што ја донесе Градскиот совет на Брисел ќе започне да се применува на 1 февруари наредната година. Прво ќе биде спроведен шестмесечен пробен период. Продолжувањето на одлуката ќе зависи од добиените резултати.
Воведената забрана ги опфаќа булеварите и улиците во централното градско подрачје, каде што во периодот од полноќ до раните утрински часови ќе биде забрането консумирање алкохол, а оние што ќе бидат фатени, ќе бидат казнети со 350 евра.
Забраната нема да ги опфаќа кафулињата и рестораните во кои градот организира спортски и фестивалски активности.
Градот информираше дека ваквата одлука е донесена во одредени подрачја по големиот број поплаки на граѓаните кои се жалат дека лицата под влијание на алкохол создаваат безбедносни проблеми и врева.