Ömer Faruk Yıldız
25 Јуни 2021•Ажурирај: 26 Јуни 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Од спроведувањето на воениот удар во Мјанмар досега, бројот на цивили кои ги загубија своите животи во вооружената интервенција на Армијата врз противниците на пучот се искачи на 880, известува Агенција Анадолија (АА).
Според извештајот што го подготви Организацијата за помош на политичките затвореници во Мјанмар, во последните 24 часа се потврдени уште 3 цивилни жртви.
Со последните смртни случаи, вкупната загуба на загинати од полициската вооружена интервенција се зголеми на 880, при што во притвор се наоѓаат 5.104 лица, а за 1.965 има налог за приведување.
Од друга страна, се тврди дека во регионот Сагаинг од 22 јуни досега загинале најмалку 20 војници од Армијата на Мјанмар во судирите со Народните одбранбени сили формирани од противниците на пучот.
Припадник на Народните одбранбени сили кој сакал да остане анонимен, во разговор со новинар на весникот „Мјанмар нау“ (Myanmar Now), изјавил дека Армијата на Мјанмар три дена за цел ги има цивилите, гранатирајќи ги со тешко оружје во два округа во регионот.
Тој тврди дека неутрализирале најмалку 20 војници во судирите со Армијата на Мјанмар. Армијата на Мјанмар не даде никакво објаснување за судирите или загинатите.
- ОН соопштија дека се раселени 230.000 лица -
Обединетите нации објавија дека бројот на цивили раселени поради судирите меѓу Армијата и групите против пучот во Мјанмар се зголемил на 230.000.
Во соопштението што го издаде Канцеларијата за хуманитарна координација на ОН, се забележува дека бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови и избегнале во планинските и шумските области во провинцијата Карен, се зголемил од 103.000 на 177.000.
Покрај тоа, во соопштението се наведува дека 20.000 цивили се засолниле во регионите што се граничат со Индија.
Констатирано е дека во конфликтите што започнаа по извршениот пуч на 1 февруари, околу 230.000 цивили ги напуштиле своите домови и имаат потреба од помош.
- Воен удар во Мјанмар -
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година, а како причина за државниот удар беше наведена измамата на општите избори во земјата одржани на 8 ноември 2020 година. Пучистите ги притворија претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на Националната лига за демократија (НЛД), владејачката партија во земјата.
Додека во земјата и понатаму траат демонстрациите што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.