Eşref Musa,Burak Karacaoğlu
22 Декември 2019•Ажурирај: 23 Декември 2019
ИДЛИБ (АА) - Режимот на Асад, Русија и групите поддржани од Иран ги интензивираа нападите врз Идлиб, што го потврдува и податокот што во последните два дена од Идлиб кон турската граница избегале околу 25.000 цивили, јавува Агенција Анадолија (AA).
Оваа информација ја потврди шефот на Координацијата за делување во Сирија, Мухамед Халаџ. Според него, со оглед што воздушните и копнените напади сè уште траат, точниот број на луѓето што ги напуштиле своите домови не може да се утврди, но сигурно станува збор за најмалку 25.000 лица.

Најмногу цивили се принудени да ги напуштат домовите во Маратинуман, а во таа регија Асадовите сили два дена претходно ја презедоа контролата над најмалку 15 села.
Халаџ наведува дека од почетокот на ноември, поради нападите во зоната на деескалација на судирите во Идлиб, своите домови ги напуштиле најмалку 205.000 цивили. Истакнува дека цел на нападите се болниците, училиштата, џамиите, центрите за цивилна заштита.

„На овој начин се сака да се спречи враќањето“, вели Халаџ.
Во Идлиб, како упориште на сириската опозиција, живеат околу четири милиони жители и интерно раселени, кои се цел на постојани напади на режимот.

Со посредство на Турција, Русија и Иран во текот на преговорите во мај 2017 година во Астана, Идлиб беше прогласен за деескалациона зона. На 17 септември 2018 година во Сочи е постигнат дополнителен договор за примирје во Идлиб и за формирање на деескалациона зона.
Согласно договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регионот, а силите лојални на режимот на Асад не сопреа со артилериските и воздушните напади во таа регија.
Од потпишувањето на тој договор, во нападите на Асадовите сили и нивните сојузници во Идлиб загинаа најмалку 1.300 цивили, а во изминатата година раселени се над еден милион луѓе.