Ikrame Imane Kouachi
24 Февруари 2024•Ажурирај: 25 Февруари 2024
ГАЗА (АА) - Во нападите на Израел, обвинет за геноцид, од 7 октомври досега убиени се 29.606 Палестинци, воглавно жени и деца, а 69.737 се повредени, соопштија палестинските здравствени власти, известува Анадолу.
Министерството за здравство во Газа објави дека најмалку 92 Палестинци се убиени, а 123 се повредени во последните 24 часа додека Израел продолжува со нападите на опколениот Појас Газа.
Во соопштението се наведува дека сѐ уште голем број луѓе се заробени под урнатините и на патиштата, а спасувачите не можат да дојдат до нив.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.
Според податоците на Обединетите нации, 85% од населението на Појасот Газа е интерно раселено и се соочува со акутен недостаток на храна, чиста вода и лекарства, додека околу 60% од инфраструктурата во Појасот Газа е оштетена или уништена.