Melike Pala
05 Октомври 2026•Ажурирано: 05 Октомври 2026
Средношколските и студентските протести низ Франција продолжуваат и денес, наставата беше целосно или делумно прекината во 400-500 средни училишта поради демонстрациите поврзани со условите во образованието и порастот на инцидентите, јави телевизискиот канал БФМТВ, пренесува Анадолу.
Оваа бројка претставува приближно од 10 до 13 отсто од вкупно 3.700 средни училишта во Франција, изјави министерот за образование Едуар Жефре, наведувајќи ја загриженоста за безбедноста во образовните установи.
Протестите, кои започнаа во регионот на Париз кон средината на септември, се интензивираа минатата недела, при што учениците побараа повеќе ресурси, подобро одржување на училишните згради, помали паралелки и мерки за справување со недостигот на персонал.
Според регионалните власти, се очекувало денес да бидат затворени повеќе од 160 средни училишта во регионот Ил-де-Франс, кој го опкружува Париз.
Мобилизацијата е проследена и со неколку инциденти во Париз.
Во средното училиште „Воклен“ во главниот град утрово надлежните пријавија три пожари во близина на влезот.
Директорот на училиштето ја известил полицијата откако бил пријавен првиот пожар околу 7:50 часот по локално време, по што интервенирале пожарникарите.
Според јавувањата, околу 100 ученици биле евакуирани од училиштето по инцидентот.
Рано утрово учениците започнаа со блокирање на средното училиште „Тирго“ во Париз, користејќи канти за отпадоци, огради и табли за да го попречат пристапот.
Министерствата за внатрешни работи и за образование известија за значителен пораст на бројот на уапсени и повредени лица од почетокот на мобилизирањето.
Властите соопштија дека од почетокот на протестите се уапсени околу 5.000 луѓе, од кои околу 85 отсто се малолетници од регионот Ил-де-Франс.
Дваесет и четири училишта биле „запалени или ограбени“, а 78 вработени во Министерството за образование и околу 600 полицајци и жандарми се повредени, според министерот за образование.
Министерот, исто така, изјави дека од почетокот на протестите се повредени 170 ученици. Според јавувањата на локалните медиуми, еден 15-годишен ученик денес се здобил со тешка повреда на раката откако кренал полициска граната за време на ученички протест во градот Ленс, во Северна Франција.
Во посебен инцидент поврзан со ученичките протести, еден 17-годишен ученик денес е приведен во Екс-ан-Прованс поради наводно фрлање камен што минатиот четврток погодил минувач во окото.
Бруно Ретајо, претседател на партијата Републиканци, повика на промени во францускиот систем на малолетничка правда, предлагајќи спуштање на старосната граница за кривична одговорност на 15 години.
Француската лига за човекови права ги обвини органите на редот за пошироко „отстапување од владеењето на правото“ и за непочитување на правните стандарди за време на полициските интервенции против учениците што протестираат.
Генералниот инспекторат на националната полиција на Франција отвори пет истраги за инциденти поврзани со овие протестни активности.
Премиерот Себастиен Лекорну се обиде да ја ублажи кризата преку пет предлози и повика одлуките да бидат донесени пред крајот на октомври.