Mohamad Misto,Eşref Musa
15 Јуни 2021•Ажурирај: 15 Јуни 2021
ДЕИР ЕЗ-ЗОР
Три лица го загубија животот, а 4 се повредени во нападот извршен со воени авиони со непознат идентитет врз базата на Иранската револуционерна гарда, која е во редовите на режимот на Асад, во провинцијата Деир ез-Зор во источна Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите на новинарот на АА добиени од свои извори во регионот, вчера бил извршен воздушен напад врз базата „Имам Али“ на Иранската револуционерна гарда во областа Елбукемал во Деир ез-Зор на ирачката граница.
Во нападот извршен од воени авиони со непознат идентитет загинаа 3 лица од Иранската револуционерна гарда, а повредени се 4 лица.
Иран сè уште не даде информации за настанот.
Досега никој не ја презеде одговорноста за воздушниот напад.
- Присуство на групи поддржани од Иран во Деир ез-Зор
Деир ез-Зор се наоѓа на границата меѓу Сирија и Ирак. Градот обезбедува копнена врска од Иран до Либан. Низ овој град минуваат и цевководи и трговски патишта од Ирак и Јордан.
Центарот и западниот дел од провинцијата Деир ез-Зор со помош на групите поддржани од Иран и Русија падна под контрола на режимот на Асад по повлекувањето на ДЕАШ во ноември 2017 година.
Странските терористички групи поддржани од Иран, кои станаа копнена сила на режимот во граѓанската војна во Сирија, најинтензивно присуство имаат во Деир ез-Зор, кој се наоѓа на границата со Ирак.
Припадниците на Иранската револуционерна гарда ги командуваат терористичките групи со потекло од Иран, Ирак, Либан, Авганистан и Пакистан, кои војуваат во редовите на режимот.
Областа на Деир ез-Зор, кој се наоѓа на исток од реката Еуфрат, е окупирана од терористичката организација ЈПГ/ПКК, поддржана од САД.