Seyit Aydoğan
20 Април 2020•Ажурирај: 20 Април 2020
ТОРОНТО (АА) – Бројот на загинати во вооружениот напад во Канада што се случи изминатиот викенд се искачи на 16, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Бренда Луки, директорката на Кралската канадска коњаничка полиција (RCMP), рече дека бројот на лица што го загубиле животот во нападот што се случи во саботата навечер во градот Портапик во покраината Нова Шкотска, вклучувајќи го и службеникот на РЦМП, од 10 се зголемил на 16 лица.
Нападот е извршен од страна на 51-годишниот Габриел Вортман.
Наведувајќи дека не станува збор за терористички напад, Луки рече дека активностите за спасување и истрагата во регионот продолжуваат и дека бројот на загинати може да се зголеми.
- Сочувство од канадскиот премиер Трудо -
Давајќи изјава за нападот што стана настан број еден во земјата, премиерот Џастин Трудо, упатувајќи сочувство до семејствата на загинатите во инцидентот, нагласи:
„Нашите срца се со луѓето што ги загубија своите најблиски и ужаленото семејство на припадничката на Кралската канадска коњаничка полиција, Хајди Стивенсон, која почина. Исто така посакувам брзо оздравување на повредените лица, вклучително и на припадничката на РЦМП. Како земја во овие моменти се собираме за да се поддржуваме едни со други. Ќе сочувствуваме заедно со семејствата на загинатите и ќе помогнеме да го надминат овој тежок период. Населението на Нова Шкотска е силно и издржливо, тука сме да ги поддржиме.“
- Лицето што го изврши нападот е сопственик на клиника за стоматолошки протези -
Како што е соопштено, напаѓачот Габриел Вортман е сопственик на клиника за стоматолошки протези, на неколку куќи, а исто така има и недвижнини во други градови.
Досега нема информации за тоа зошто Вортман го извршил нападот.
Кралската канадска коњаничка полиција (RCMP) сè уште нема детали за нападот, кој е опишан како најкрвавиот напад во историјата на покраината.