Islam Doğru
10 Март 2021•Ажурирај: 11 Март 2021
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека Турција е значаен сојузник, јавува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг преку видеоконференција учествуваше на настанот на тема „Адаптацијата на НАТО“, организиран од Центарот за меѓународна безбедност и соработка при Универзитетот „Стенфорд“ во Калифорнија.
Запрашан во врска со тоа што Турција ги купи воздушно-одбранбените системи С-400 од Русија, Столтенберг нагласи дека разликите помеѓу сојузниците на НАТО не е нешто ново, и дека НАТО е добра платформа за дискутирање на овие разлики, несогласувања и проблеми, како и за наоѓање решение за нив.
Тој рече дека до Анкара е упатена загриженост во врска со С-400, Источниот Медитеран и проблемот со мигрантите.
„Но треба да разбереме дека Турција е значаен сојузник. Бидејќи, само да ја погледнете мапата, ќе видите колку е значајна. Особено поради тоа што граничи со Ирак и Сирија, поради постигнатиот напредок во борбата против ДЕАШ, поради ослободување на милиони лица во зоните кои се контролирани од страна на ДЕАШ, аеродромите во Турција имаат многу голема важност“, додаде тој.
Столтенберг истакна дека во процесот на решавање на проблемите се во потрага по намалување на тензиите, со цел да се направи чекор во правилна насока.
Според него, формиран е механизам за решавање конфликти во НАТО и е постигнат позитивен исчекор.