Oliver Towfigh Nia
08 Јуни 2026•Ажурирано: 08 Јуни 2026
Германските власти денес упатија апел до Израел и Иран за итна деескалација и обновување на дипломатскиот дијалог, со цел да се стави крај на воениот конфликт кој повторно се интензивираше вчера, јавува Анадолу.
„Ги повикуваме сите страни на деескалација и изнаоѓање дипломатско решение, за кое, на крајот на краиштата, веќе подолго време се преговара. Тоа е официјалниот став на германската Влада“, изјави владиниот портпарол Штефан Корнелиус на прес-конференцијата во Берлин.
Тој ја повтори поддршката на неговата земја за „напорите на американскиот претседател за постигнување договор“ со Иран.
Тензиите ескалираа синоќа откако Израел го бомбардираше либанскиот главен град Бејрут и покрај тековниот прекин на огнот, што го предизвика Иран да лансира ракети кон Северен Израел во знак на одмазда, по што Израел започна неколку бранови воздушни напади врз Иран.
Тензиите во регионот ескалираа откако САД и Израел започнаа воздушни напади врз Иран кон крајот на февруари, што предизвика одмазда од страна на Иран врз Израел и други земји во регионот каде што се наоѓаат американски воени бази.
Привремен прекин на огнот беше постигнат на 8 април, но потоа преговорите беа прекинати поради спорови околу неговото спроведување и последователните регионални случувања.