Ahmed Asmar
07 Август 2024•Ажурирај: 07 Август 2024
АНКАРА (АА) - Повеќе Палестинци загинаа и се повредени во израелските напади во текот на ноќта низ Појасот Газа кои влегоа во својот 306 ден, објави палестинската новинска агенција Вафа, пренесува Анадолу.
Еден Палестинец, неговата сопруга и синот загинаа, а повеќе се повредени во израелски воздушен напад врз станбена куќа во источниот дел на градот Газа.
Во меѓувреме, израелски воени возила отворија оган врз домовите во источниот дел на бегалскиот камп Ал Бурејџ, во Централна Газа, при што беа повредени повеќе Палестинци.
Вооружени чамци отворија оган и врз западните области на бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа.
Воени авиони нападнаа области во градовите Деир ал Балах и Кан Јунис, а армијата ги гранатираше западните области на Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа.
Израел уби речиси 40.000 Палестинци во Газа од упадот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Немилосрдната воена кампања срамни со земја голем дел од територијата и ги остави луѓето без покрив над глава и гладни.
Тензиите се зголемија по атентатот на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, во иранскиот главен град Техеран на 31 јули, но сепак продолжија индиректните преговори за прекин на огнот и договор за размена на заложници.