Kaamil Ahmed
07 Ноември 2016•Ажурирај: 08 Ноември 2016
ЕРУСАЛИМ (АА) - Градоначалникот на Ерусалим, Нир Баркат, предупреди дека иселувањето на израелските доселеници од илегалната населба Амона на окупираниот Западен Брег, по наредба на правосудството, би можело да доведе до уништување на илјадници палестински домови во Источен Ерусалим, јавува Anadolu Agency (AA).
Израелското радио денес пренесе дека Баркат упатил писмо до државниот адвокат Авичаи Манделблит, во кое го предупредува дека откако израелскиот Врховен суд нареди евакуација на населбата Амона, бидејќи е изградена на приватна територија на Палестинците, и палестинските домови во источен Ерусалим изградени на територијата која припаѓа на Израелците, би можеле исто така да бидат експроприрани.
Израелскиот Врховен суд во 2014 година им нареди на властите на Израел да уништат една од најстарите и најспорните еврејски населби на Западниот Брег. По наредба на Судот, населбата Амона би требало да биде евакуирана до крајот на 2016 година.
Позната како „дива“ колонија, Амона е формирана пред 20 години на приватна палестинска земја, без дозвола на Владата на Израел, и во неа моментално живеат 41 еврејско семејство.
Израелската невладина организација „Мир сега“ наведе дека иако доселениците одбиваат да ја напуштат Амона, позната како „дива“ колонија бидејќи е нелегална, не само според меѓународниот, туку и според израелскиот закон, владата на таа земја планира за нив да изгради нова населба, која би требало да биде уште поголема од веќе постоечката.