Adem Şalvarcıoğlu
28 Септември 2017•Ажурирај: 28 Септември 2017
ЏАКАРТА (АА) - Кина испрати две џиновски панди во дипломатска мисија во Индонезија, во рамките на одбележувањето на шестата деценија од билатералните односи и јакнење на пријателството меѓу народите на двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Седумгодишните панди Цаи Tao и Ху Чун пристигнаа утринава во Индонезија, а пилотите во неколку наврати ја менуваа рутата на летот за да пристигнат од Кина во Индонезија колку што е можно побрзо.
Слатките панди во наредните десет години ќе бидат во зоолошката градина во Богор, недалку од Џакарта, а потоа ќе бидат вратени во кинеската покраина Сичуан.
Подготовките за дочекот на пандите во најголемата индонезиска отворена зоолошка градина се веќе завршени, а досега за грижа за пандите се потрошени речиси 4,5 милиони долари.
За нив ќе се грижи посебен тим од ветеринари и осуммина негуватели кои за таа задача поминаа посебна обука во Кина.
Кина уште во 2010 година најави дека ќе испрати панди во дипломатска мисија во Индонезија, а моментално мисијата има важна улога, со оглед на тензиите меѓу двете земји поради спорот во Јужното Кинеско Море.
Испраќањето на пандите во дипломатска мисија е практика што Кина ја спроведува уште од периодот на династијата Танг во 18. век. Се работи за подарување на огромните панди со цел да се воспостават дипломатски односи и како знак на добра волја.
Таа практика дополнително доби на значење во времето на Mao Це Тунг, кога пандите стекнаа статус на дипломатски елементи во вистинска смисла на тој збор. Mao му подари две големи панди и на Ричард Никсон, кој беше првиот американски претседател кој патувал во официјална посета на Кина.
Моментално, 12 кинески панди се наоѓаат во САД, осум во Јапонија, четири во Сингапур, три во Малезија и во Шпанија и по две во Велика Британија, Франција, Германија, Белгија, Австралија, Австрија, Канада, Холандија, Тајланд и во Индонезија.
Пандите се загрозен вид и се претпоставува дека на Земјата моментално има 1.600 единки. Кина спроведува посебни проекти за заштита на тој вид кој е на работ на исчезнување поради загрозеноста на нивните природни живеалишта.