Lina Altawell
21 Септември 2026•Ажурирано: 21 Септември 2026
Девет Палестинци, меѓу кои две жени и едно дете, беа повредени денс во израелско артилериско гранатирање и пукање во централниот и јужниот дел на Појасот Газа, соопштија медицински извори и очевидци, јавува Анадолу.
Израел и понатаму продолжува со прекршување на договорот за прекин на огнот, што е во сила од 10 октомври 2025 година.
Во централниот дел на Газа, медицински извор од болницата „Шухада ал-Акса“ изјави за Анадолу дека жена со тешки повреди и дете со умерени повреди биле примени во болницата.
Тие се повредени кога израелските сили отвориле оган кон шаторите во кои биле сместени раселените Палестинци меѓу бегалските кампови Бурејџ и Магази.
Уште две лица се повредени кога артилериска граната ја погодила куќата на семејството Абу ал-Рус во бегалскиот камп Бурејџ. По гранатирањето избувнал пожар во куќата, изјавија очевидци за Анадолу.
Израелски воени возила исто така отвориле силен оган кон шаторите на раселените лица по улицата Салах ал-Дин северно од кампот Бурејџ, придружен со артилериско гранатирање во околината.
Во јужниот дел на Газа, медицински извор соопшти дека пет Палестинци се здобиле со различни повреди во израелско пукање и артилериско гранатирање во централниот и јужниот дел на Кан Јунис.
Тројца Палестинци, меѓу кои и една жена, се застрелани кога израелските сили отвориле оган кон станбената област Хамад Сити северно од Кан Јунис.
Други две лица се повредени од шрапнели од артилериска граната во населбата Ал-Амал во централниот дел на Кан Јунис.
Во северниот дел на Газа, израелските воени бродови отвориле силен оган од тешки митралези и испукале гранати покрај брегот на градот Газа, што траело околу два часа, изјавија очевидци.
Во меѓувреме, израелски беспилотни летала „квадкоптери“ фрлиле неколку бомби во близина на позиција на израелската Армија источно од населбата Шуџаија во источниот дел на Газа, според очевидци.
Израелската артилерија исто така испукала спорадични гранати источно од градот Џабалија во северниот дел на Појасот Газа.
Од октомври 2023 година, Израел уби повеќе од 73.000 Палестинци, а повредени се над 174.000 во својата офанзива во Газа, при што уништени се околу 90 отсто од инфраструктурата во енклавата.
Во прекршувањата на прекинот на огнот од 2025 година се убиени најмалку 1.393 Палестинци и повредени 4.822 заклучно со вчерашниот ден, според последните податоци на Министерството за здравство во Газа.