Büşra Akın Dinçer
09 Март 2016•Ажурирај: 13 Март 2016
ЛОНДОН (АА) - Околу 250.000 деца во опколените подрачја во Сирија се мачат без струја, храна и лекови кои им се повеќе од потребни за да преживеат, предупреди меѓународната невладина организација "Save the Children" јавува Anadolu Agency (AA).
Во Извештајот под наслов „Детство под опсада”, група меѓународни рганизации за помош на децата го осуди психолошкото влијание кое го остава војната врз децата во опколените подрачја, кои ги нарекоа „затвори на отворено”.
„Во секоја интервјуирана група, децата кажале дека живеат во постојан страв од напади. Родителите откриле дека однесувањето на нивните деца се променило. Станале поповлечени, поагресивни и подепресивни”, се наведува во извештајот.
Во рамките на извештајот претставени се и сведочења на повеќе од 125 мајки, татковци и деца кои, како што се наведува, „прикажале шокантна слика на секојдневниот живот во сириските опколени градови”.
Кога станува збор за работата на здравствените работници, во Извештајот се наведува дека работата ја вршат под свеќи, дека им недостасуваат медицински средства, а бебињата умираат на контролните пунктови поради задоцнетата медицинска помош.
„Стравот ја презеде контролата. Децата, сега, само го чекаат својот ред да бидат убиени. Дури и возрасните живеат исчекувајќи ја смртта: Кога ќе дојде ред на мене”, кажа Рихаб, мајка од источна Гута, се наведува во Извештајот.
Во опколените места, каде што снајперот го убива секој оној кој ќе се обиде да излезе од градот, младите луѓе умираат на само неколку километри од складишта кои се преполни со лекови и останати медицински материјали. Прегладнетите талкаат наоколу во бунило од глад.
Во извештајот се наведува дека децата се принудени да јадат храна за животни или листови за да преживеат.
„Децата умираат поради недостаток од храна и лекови во делови на Сирија, на само неколку километри од складиштата кои се полни со помош. Тие ја плаќаат цената на светското недејствување”, рече Тања Стил, директор на организацијата "Save the Children".