Saadet Gökce
24 Септември 2025•Ажурирај: 25 Септември 2025
ИСТАНБУЛ (AA) – Огромна дупка длабока 50 метри денес го наруши секојдневниот живот во главниот град на Тајланд, Бангкок, пренесува Анадолу.
Според јавниот сервис „Таи ПБС“, дупката „проголтала“ полициско влечно возило и два електрични столба.
Колапсот на патот се случил пред болницата „Ваџира“ во Бангкок, која поради тоа ги суспендирала своите операции на два дена, а оштетувањето се проширило и пред полициската станица „Самсен“.
Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул изрази загриженост за стабилноста на полициската станица, укажувајќи дека два до три темели на објектот се оштетени.
Првичните проценки покажале дека инцидентот е предизвикан од движење на подземни води што довело до пукање на водоводна цевка на станицата „Ваџира хоспитал“ од јужното продолжение на виолетовата метро линија.
Несреќата се случила околу 7 часот наутро, но, за среќа, нема повредени лица.
Гувернерот на Бангкок, Чадчарт Ситипунт, информираше дека итните и безбедносни мерки во областа вклучуваат исклучување на водоснабдувањето и обезбедување алтернативна дистрибуција на вода за жителите, прекин на струјата и отстранување на електричните линии во близина, како и процена на стабилноста на околните објекти.
Гувернерот, исто така, предупреди дека ситуацијата може да се влоши поради обилните дождови, поради што се исфрла повеќе почва на отворената површина.