ЊУЈОРК
- Ислам ДОГРУ
Норман Финкелштајн, истакнат еврејски професор кој живее во САД, коментирајќи ги најновите израелски напади врз Источен Кудс (Ерусалим) и Газа, истакна дека Израел покрај воено злосторство, извршува и злосторство против човештвото.
Финкелштајн, професор по политички науки, во интервју за Агенција Анадолија (АА) зборуваше за тензиите што следуваа откако израелските власти се обидоа да ги иселат Палестинците од квартот Шеик Џара во Источен Кудс, како и за израелската политика на тоа подрачје.
На почетокот од разговорот тој потсети на извештајот на „Хјуман рајтс воч“ (HRW) од 27 април под наслов „Пречекорен праг: Израелските власти и злосторствата на апартхејдот и прогонот“.
„Соодветно на тоа, прва реалност што ја имаме тука е дека Израел покрај воените злосторства, извршува и злосторство против човештвото, што се најгрозни и најстрашни злосторства според меѓународното право“, изјави Финкелштајн.
Тој потсети дека властите на Израел повеќепати објавиле дека нема да ги напуштат окупираните палестински територии и дека илегалната анексија ја спровеле во согласност со меѓународното право.
„Доколку сегашната ситуација претставува илегална анексија, тогаш Израелците немаат никакво право во Источен Кудс. Тие немаат право ниту во Газа. Би сакам да нагласам дека тие немаат право ниту да се бранат. Имаат само на едно нешто, а тоа е да ги спакуваат куферите и да ја напуштат Палестина“, рече професор Финкелштајн.
- Право на Палестинците на отпор
Истакнувајќи дека на најновите случувања во Источен Кудс и Газа треба да се гледа како на дел од израелската долгорочна, систематска и добро испланирана иницијатива, Финкелштајн изјави дека кражбата на палестинските територии датира уште и пред самото основање на Израел во 1948 година.
„Процесот не е завршен таа 1948 година. По основањето на Израел, процесот само продолжи. Израелското систематско одземање и кражба и понатаму траат од ден за ден. Да го наречеме тоа буквално „кражба на палестинска земја“. И ова што сега го гледате е навистина токму тоа - микрокосмос на систематска, методична кражба и грабеж на палестинската земја“, смета овој израелски експерт.
Тој истакна дека доколку се има предвид меѓународното право и израелските нехумани постапки, Палестинците имаат право да користат какви било средства и методи за одбрана на своите територии од, како што ја нарече, разбојничката држава.
„Ако може така да се каже, доколку овие крадци на земја ги нападнат вашите сограѓани, го имате секое право да пружите отпор“, рече Финкелштајн, потсетувајќи дека Палестинците во Газа сакаат да им пружат поддршка на оние во Источен Кудс.
„Запомнете, што е Газа? Па 70% од Газа се бегалци и луѓе со бегалско потекло. Значи, тие во своите срца и души добро разбираат што се случува во Источен Кудс (Источен Ерусалим), бидејќи истото им се случи на нив пред 73 години. Отстранети се од своите домови, да се послужиме со јазикот на меѓународното право, присилно се иселени од својата татковина. Кога ќе погледнат кон Кудс, сфаќаат што им се случило пред 73 години, како и самите последици, односно нивниот статус на бегалци. Ако е така, дали ќе сакате да ми кажете, кога тоа ќе им се случи на Палестинците, на нивните сограѓани во Источен Кудс, тие да немаат право на солидарност, да немаат право да дадат отпор заедно со тие луѓе кои исто така ќе станат бегалци? Во никој случај!“, истакна професорот Финкелштајн.
- Оваа држава претера
Финкелштајн со зборовите „Доста е веќе!“ го искажа гневот кон Израел и истакна дека единствена цел на државата е да ги раздвои луѓето и териториите на подрачјето на Палестина, потсетувајќи на таканаречениот безбедносен ѕид, односно ѕидот на раздвојување што го изгради Израел.
„Навистина е тешко да се поверува дека сето тоа сѐ уште се случува во денешниот модерен свет“, рече Финкелштајн.
„Замислете да го подигнете овој ѕид во Њујорк, раздвојувајќи го Харлем, во кој живее најголемиот број црнци, но го задржувате бидејќи Централ парк е празно подрачје. Изградбата на овој ѕид (на палестинската територија) има само една цел - тие сакаат да ги задржат поголемиот дел од Евреите и својата земја. Тоа е целата приказна за Израел“, потенцираше професорот Финкелштајн.
За Израел рече дека веќе одамна ги минал сите граници и станал „дива и луда држава“, потсетувајќи на сцените од друштвените мрежи од пред неколку дена кога Израелците возбудени и среќни танцуваат поради пожарот што избувна во дворот на „Ал Акса“.
„Тоа е населението на Израел, ви се допаѓа тоа или не. Немојте да ми кажете дека тоа е група фанатици и лудаци. Не. Го видовте тоа во живо на Јутуб. Тоа е Израел, вистинскиот Израел. Арамии, крадци на земја и еврејски врховисти. Тоа не се мои зборови, туку наводи од извештаите што пред неколку недели ги објави главната организација за човекови права“, рече Финкелштајн.
- Реакција на Бајденовата администрација
Истакнувајќи дека Израел е држава на „апартхејд“, чија цел е воспоставување еврејска превласт од реката Јордан до Медитеранот, Финкелштајн додаде дека реакцијата на американската администрација на Џо Бајден за најновите случувања на насилство не се разликува од останатите.
„Моја претпоставка е дека, за разлика од поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, можеби не досипуваат масло на оганот. Веројатно тивко им порачуваат на Израелците да не ги отстрануваат семејствата од Шеик Џара“, смета овој професор.
Финкелштајн смета дека таканаречениот мировен процес, што се појави во времето на администрацијата на Трамп, сега и службено е мртов.
„Се наоѓаме во нов транзициски период, но сега е најважно да се надеваме дека ќе се појави доверливо лидерство и доверлива организација меѓу Палестинците, молејќи се дека ќе решат низа сериозни прашања“, истакна Финкелштајн.
На крајот заклучи дека желбата и намерата на Израел да ја заземе целата територија на Палестина и да воспостави држава со мнозинско еврејско население секако е неспоива и неприфатлива од аспект на меѓународното право.