Ekipa
15 Март 2022•Ажурирај: 16 Март 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија денес го усвои четвртиот пакет санкции против Русија, со кој се забранува извоз на луксузни стоки и увоз на производи од челик, а се додадени нови олигарси на листата за санкции, јавува Агенција Анадолија (АА).
ЕУ воведе нов пакет санкции против Русија „како одговор на нејзината брутална агресија против Украина и нејзиниот народ“, се вели во соопштението на Европската комисија во кое се поздравува одлуката на земјите членки на ЕУ.
„Овие санкции дополнително ќе придонесат за засилување на економскиот притисок врз Кремљ и ќе ја уништат неговата способност да ја финансира инвазијата на Украина“, се додава во соопштението.
Со одлуката, Блокот забранува увоз на руски производи од челик во вредност од приближно 3,3 милијарди евра и инвестиции во рускиот енергетски сектор.
Блокот исто така забранува извоз на луксузни производи во Русија, вклучително накит, автомобили, кожени куфери, вина и музичка и спортска опрема.
ЕУ на листата за санкции додаде нови олигарси и бизнис-елити поврзани со Кремљ, како и компании за одбранбена индустрија кои ја поддржуваат војната во Украина.
Целосната листа на санкционирани лица и субјекти допрва треба да биде објавена во Службениот весник на ЕУ, но неколку медиумски извори потврдија дека тие ќе бидат насочени и кон бизнисменот Роман Абрамович, кој го поседува фудбалскиот клуб Челзи, и кон индустријалецот Олег Дерипаска.
Претходните пакет-санкции беа насочени, меѓу другото, кон рускиот претседател Владимир Путин, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, олигарси, воени офицери, и ги исклучија руските и белоруските банки од меѓународниот банкарски систем СВИФТ, а го забранија и емитувањето на Спутник и РТ.