Muhammed Ali Gürtaş
27 Март 2019•Ажурирај: 28 Март 2019
АНКАРА (АА) - Европскиот парламент денес усвои детален план кон поправедно и поефективно оданочување и справување со финансискиот криминал, јавува Anadolu Agency (AA).
Опфаќајќи различни наоди и препораки, планот беше прифатен со 505 гласови за, 63 против и 87 воздржани.
Препораките се движат од ревидирање на системот за справување со финансиски криминал, до проблемите со затајување данокот, како и избегнување на данокот.
„...Особено преку подобрување на соработката во сите области меѓу мноштвото инволвирани органи, за поставување на нови тела на ниво на ЕУ и на глобално ниво“, се вели во соопштението од ЕП.
Предлогот вклучува формирање финансиска полиција, финансиска разузнавачка служба, контрола против перење пари и глобално даночно тело во рамките на ОН.
Во извештајот на ЕП се вели дека седум земји членки - Белгија, администрацијата на кипарските Грци, Унгарија, Ирска, Луксембург, Малта и Холандија - покажуваат карактеристики на даночно засолниште.
„Златните визи и пасоши треба да се исфрлат од употреба, особено оние од Малта и [грчкиот дел на] Кипар“, се вели во соопштението.
Минатата година, ЕП одлучи да формира специјален комитет за овие прашања, по вестите за „Панама пејперс“, „ЛуксЛикс“, „Фудбал Ликс“ и „Парадајс пејперс“.
Во предлогот, исто така, се вели дека таканаречените „свиркачи“ и истражувачките новинари мора да бидат многу подобро заштитени, и да се формира фонд на ЕУ за помош на истражувачките новинари.
„Земјите членки не прават доволно и во ЕУ, Советот очигледно е најслабата алка“, рече Петр Језек, претседател на Специјалниот комитет.
„Без политичка волја, не може да се има напредок“, рече тој. „Европејците заслужуваат подобро“.