Ekipa
28 Октомври 2020•Ажурирај: 30 Октомври 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Ерусалимскиот патријарх Теофилос III, претседател на Советот на челниците на црквите во Светата Земја, ги осуди низата настани кои започнаа со навредите на Французите против исламот и божјиот пратеник Мухамед, јавува Агенција Анадолија (АА).
Преку соопштение патријархот порача дека со голема загриженост ја набљудува состојбата на поларизација како резултат на низата настани во Франција.
Тој ја истакна својата осуда за навредите кон исламската вера со иста жестокост како што би упатил осуда и за навреда нанесена кон некоја друга монотеистичка религија.
Теофилос III, исто така, ги осуди сите акти на насилство насочени кон оние што имаат различни мислења или религиозни убедувања, повикувајќи цивилизираниот дијалог да биде единствениот метод на интеракција за намалување на интелектуалните и идеолошките јазови помеѓу различните религии и идеологии.
На 2 октомври, францускиот претседател Емануел Макрон објави контроверзен план за справување со, како што рече, „исламскиот сепаратизам“ во Франција, тврдејќи дека исламот како вера е во „криза“ насекаде низ светот и ветувајќи дека ќе го „ослободи исламот во Франција од странски влијанија“.
Минатата недела, Макрон застана во одбрана на богохулните карикатури на божјиот пратеник Мухамед, велејќи дека Франција „нема да се откаже од карикатурите“ по бруталното убиство на наставникот Самуел Пети, кој ги покажувал провокативните карикатури на часовите.
Според податоците на француското Министерство за внатрешни работи, оваа година затворени се најмалку 73 џамии, приватни училишта и работни места во Франција, земја која има најбројно муслиманско малцинство во Западна Европа, од околу 5 милиони.