Şerife Çetin
11 Мај 2020•Ажурирај: 12 Мај 2020
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) предупреди дека секој обид за израелска анексија на окупираниот Западен Брег е кршење на меѓународното право и додаде дека е подготвена да ги преземе потребните чекори во случај на имплементација на планот за анексија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, на дневната прес-конференција се осврна на наводите дека ЕУ подготвува санкции против Израел во случај на спроведување на планот за анексија на окупираниот Западен Брег.
Стано истакна дека ЕУ во повеќе наврати се огласила во врска со тоа и напомена дека ЕУ ја смета анексијата за кршење на меѓународното право.
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, со лидерот на опозицијата, Бени Ганц, формираше заедничка Влада, а двајцата најавија дека од 1 јули ќе го забрзаат планот за анексија на Јорданската Долина и другите територии на Западниот Брег на кои се подигнати нелегални еврејски населби.
Палестинските власти најавија целосен прекин на билатералните односи со Израел, доколку продолжи со планот за анексија, што се однесува на една третина од палестинскиот Западен Брег, кој веќе со децении е под израелска окупација.