Handan Kazancı
28 Мај 2018•Ажурирај: 29 Мај 2018
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија ги продолжи санкциите воведени за сирискиот режим до јуни 2019 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на ЕУ се наведува дека со оглед на продолжувањето на репресијата кон цивилите, ЕУ се одлучила да ги задржи рестриктивните мерки против сирискиот режим и неговите поддржувачи, во согласност со стратегијата на ЕУ кон Сирија.
Се наведува дека Европскиот совет ги ажурирал информациите од листата на лица кон кои се спроведуваат санкции, така што две починати лица се отстранети од листата.
„Ажурираната листа сега содржи имиња на 259 лица и 67 ентитети кон кои се спроведуваат санкции за забрана на патување и замрзнување на имотот. Лицата кои неодамна се додадени на листата имале улога кога станува збор за употребата на хемиско оружје, како што беше случајот со четирите лица додадени на листата на санкционирани на 19 март 2018 година“, се наведува во соопштението.
Санкциите на ЕУ вклучуваат „ембарго на нафта, рестрикции поврзани за одредени инвестиции, замрзнување на имотот на сириската централна банка која се наоѓа во ЕУ, извозни санкции за опрема и технологии кои можат да бидат користени во рамките на внатрешната репресија, како и на опрема и технологија за надзор или пресретнување на интернет или телефонски комуникации“.
Граѓанската војна во Сирија започна во март 2011 година кога силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад се обидоа со сила да ги задушат масовните продемократски протести во земјата.
Според податоците на ОН, стотици илјади луѓе се убиени за време на судирите, додека сирискиот режим тврди дека се работи за околу 10 илјади жртви.