Muhammet Tarhan
30 Септември 2020•Ажурирај: 01 Октомври 2020
АНКАРА
Првата од активностите на Турција како претседавач со Процесот на соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) за 2020/2021 ќе биде организирана во дигитална средина од страна на турската Акедемија за правда на 30 септември и 1 октомври, известува Агенција Анадолија (АА).
Во Процесот на соработка во Југоисточна Европа, што претставува најсеопфатен форум за регионална соработка, учество земаат 13 земји од Југоисточна Европа, меѓу кои и Северна Македонија, Бугарија и Албанија. Турција на 1 јули 2020 година по третпат го презеде претседавањето со овој процес, а претходно тоа беше во периодот 1998 - 1999 и 2009 - 2010.
Во рамките на активностите на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, во периодот 30 септември - 1 октомври 2020 година турската Академија за правда ќе биде домаќин на програмата под наслов „Работилница за развојот на претстручна и професионална обука на судиите и обвинителите по Ковид-19“, што ќе се одржи онлајн.
На работилницата што ќе се одржи врз принципите на „регионална сопственост“ и „инклузивност“, коишто се темелат на Процесот на соработка во Југоисточна Европа, ќе се дискутира за потешкотиите со кои судските образовни институции на земјите кои партиципираат во ПСЈИЕ се соочуваат во претстручната и професионалната обука на судиите и обвинителите по избувнувањето на пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19) и за развојот на соработката на ова поле.
За време на работилницата, ќе се оцени развојот на настаните по Ковид-19 во институциите за обука на судството во земјите од Југоисточна Европа, ќе бидат утврдени нови стратегии и ќе се обезбеди воспоставување соработка во можните области.
Работилницата организирана врз дигитална платформа ќе биде на англиски јазик на 30 септември и 1 октомври. Учество ќе земат институциите за обука на судии на земјите учеснички во Процесот на соработка во Југоисточна Европа.