Melike Pala
25 Септември 2026•Ажурирано: 25 Септември 2026
Министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија, Пакистан и Турција разговараа за подготовките за итен состанок на началниците на генералштабовите на трите земји, на кој ќе се разгледаат начините за поддршка на Саудиска Арабија во согласност со Договорот за одбрана од Мека, објави денес „Сауди Газет“, јавува Анадолу.
Принцот Фејсал бин Фархан, Исхак Дар и Хакан Фидан одржаа консултации во седиштето на Постојаната мисија на Саудиска Арабија при ОН во Њујорк.
Министрите ги разгледаа тековните подготовки за состанокот на началниците на генералштабовите, на кој ќе се разгледаат механизмите за поддршка на Саудиска Арабија во согласност со обврските преземени со одбранбениот договор.
Во Договорот од Мека се предвидува дека напад врз која било од неговите страни се смета за напад врз сите страни.
За време на средбата министрите „најостро ги осудија“ нападите насочени кон Мека, како и кон цивилни и економски објекти во Саудиска Арабија.
Тие разговараа за најновите регионални случувања и ја истакнаа важноста од почитувањето на меѓународното право, добрососедските односи, заемното почитување на суверенитетот на државите и немешањето во внатрешните работи.
Исто така, тие ја нагласија важноста на осигурувањето безбедност и непреченото пловење.
Министрите ја потврдија посветеноста на трите земји за работа кон одржлив мир и стабилност во регионот, поддршка на напорите за намалување на тензиите и унапредување на мирни решенија за тековните кризи.